По повод 24.мај, Денот на сесловенските просветители, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев упати честитка до граѓаните. Честитката ви ја пренесуваме во целост:
„Почитувани граѓани на Република Северна Македонија, честит 24.мај – Ден на Светите браќа Кирил и Методиј!
Денешниот празник, 24.мај, Денот на сесловенските просветители повикува да го одбележиме извонредното епохално и просветителско значење за Европа, светот и Северна Македонија, изразено преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
Целта на мисиите, покрај христијанизација, описменување и просветлување, била и остварување на теолошка апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазика – на латински, грчки и германски.
Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна од неговите следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе се создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.
Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.
Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите.
Просветителската мисија на Светите браќа Кирил и Методиј беше инспирација и за работата на просветните работници и институции, и во оваа прилика упатувам и честитки и по повод Денот на просветните работници.” – изјави премиерот Заев.