Лидерот на партијата Зоран Заев по завршувањето на денешната конститутивна собраниска седница најави дека во следниот период ќе се одвиваат разговори на повеќе нивоа и очекува дека за 10 до 15 дена ќе има исход од овие преговори. Тој рече дека ќе разговара со лидерите на политичките партии и штом има некаков напредок, за што партијата ќе ја информираат јавноста.
– Од денеска почнуваме преговори за четиригодишен полн мандат кој ќе ни донесе четиригодишна влада која е подготвена да сработи. Ќе разговараме за влада која се грижи за сите граѓани ослободена од етнички предрасуди и која нема никакви дилеми – Северна Македонија, едно општество за сите. Ќе разговараме за влада која ќе се бори против корупцијата и криминалот. Особено внимание ќе се посвети на делот за прочитување на судството и потеклотоо на капитал кај секој функционер, истакна Заев.
„Верувам дека ќе обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство коешто ќе гарантира стабилна влада…Коалицијата предводена од СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијанса и Алтернатива. Зависи од отстранување на национализмите, зависи од цело поглавје на разработка за прочистување на правосудството, проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер, – изјави Заев.
Еден од приоритетите ќе биде и сериозната реформа во администрацијата и нејзиното намалување за 20 проценти, помалиот број на министри, односно кратење ќе има кај министрите без ресор.
Во фокусот на идната влада, како што најави Заев, ќе биде и економијата, продолжување на растот на платите, вложувањето во младите, рамномерниот регионален развој, поддршката за прватниот сектор и грижата за најсиромашните.