Конференцијата „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија” одбележува значаен јубилеј достоен на европските вредности за почитување на различностите и за единство на сите разлики на Европа. Тоа го прави нашиот континент уште поубав и пример за почитување на правата на секоја етничка заедница во европското семејство. Тоа е голема вредност, истакна премиерот Зоран Заев на овој настан што e во организација на Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија.
„Непосредно после Втората светска војна, и со формирањето на македонската држава, тогаш во југословенската федерација, започнала и грижата за Македонците кои живееле во соседните земји за да се воспитуваат и образуваат на својот мајчин македонски јазик“, рече премиерот Заев во своето обраќање на конференцијата.
Со тоа Албанија станала земја која го признава статусот на македонското етничко малцинство, и во Мала Преспа се организирала настава на мајчин македонски јазик во основното образование до петто одделение, а од страна на државата биле отпечатени и учебници. Процесот се унапредувал и наскоро започнале да се создаваат и образуваат и наставници по македонски од локалното население кое полека почнале да ги заменуваат наставниците испратени од тогашна Социјалистичка Република Македонија.
Сѐ до ден денес во континуитет останува изучувањето на македонскиот јазик како предмет во училишната настава во училиштата на Мала Преспа.
„Се разбира, секогаш може и повеќе и затоа ги развиваме односите меѓу двете земји на највисоко пријателско ниво за да разговараме слободно за можностите. Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што ги обединува луѓето и културно ги поврзува генерациите за да можат една на друга ги пренесуваат цивилизациските вредности на човештвото“, нагласи премиерот Заев.
На конференцијата премиерот Заев информираше дека новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, кој наскоро ќе биде доенесен предвидува натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, особено во соседните држави на нашата земја, вклучувајќи ја и Република Албанија.
Македонскиот јазик ќе може да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Северна Македонија во странство, како одговор на желбите и предлозите на нашите граѓани од дијаспората.
„Токму затоа, со премиерот Рама работиме на тоа договорот меѓу нашите две држави за отворање на културно информативни центри да биде исполнет во целост. Тоа ќе овозможи наскоро во Скопје и во Тирана да имаме целосно функционални културно-информативни центри кои ќе ги бидат значаен придонес за дополнително надградување на взаемните пријателски односи, и места за факултативно неформално изучување на јазиците на двете земји. Истовремено тоа ќе бидат места каде што ќе можат да се најдатк ниги и други публикации на македонски јазик што ќе помогнат во унпаредувањето на изучувањето на јазикот на Македонците во Албанија“, рече претседателот на Владата на Северна Македонија Заев, и додаде дека е важно за младите генерации уште од најмала возраст да имаат да се запознавааат со историјата и значењето на мајчиниот јазик за да се поттикне развивање на свеста за неговото зачувување и изучување.