Заев на Самитот за Западен Балкан во Трст

Сподели

Премиерот Заев денеска и утре во Трст ќе ја предводи владината делегација на четвртиот самит ЕУ – Западен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес кој официјално ќе почне утре.

На самитот кој е под покровителство на Италија ќе учествуваат премиерите и министри од шесте земји од Западен Балкан, како и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, и еврокомесарката за транспорт, Виолета Болц.

Заев во рамките на самитот ќе има билатерални средби со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Србија, Ана Брнабиќ, и на Словенија, Миро Церар, а ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Утре пред почетокот на самитот Заев ќе биде дел од емисијата „Окружење“ заедно со Рама, Дачиќ, Хан и со Свилановиќ.

Самитот има цел да го поттикне придвижувањето на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и да донесе конкретен чекори во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување.

За таа цел е обезбеден фонд од 1,3 милијарди евра за Западен Балкан, средства кои треба да се искористат до крајот на 2020 година за проекти во областа на транспортот, инфраструктурата, енергетиката, животната средина и на иновациите, кои треба да бидат реализирани во рамките на Транспортната заедница на Западниот Балкан, која со свечена церемонија ќе биде основана со потписите на премиерите на земјите од регионот.

мета.мк