Најбитното во врска со предлог-законот за Законот за јавното обвинителство, заради кој вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи лидерска средба, не е барањето на опозицијата во врска со постапувањето по предметите на СЈО по 30 јуни 2017 година, туку дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не, истакна денеска премиерот Зоран Заев. Тој појасни и оти кај него има одреден оптимизам за решение на средбата на лидерите на политичките партии вечерва.
– Суштината, според мене, е дали бомбите ќе се користат како доказ или не, затоа што Уставот, член 16, 17 и 18 од Кривичниот законик велат: Кривично дело за кое што постојат индиции и аргументи не може да не се гони, насекаде во свет се гони. Ако не го гони СЈО, ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем во државата и тука нема дали Заев, Мицкоски, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ нешто сакаат или не сакаат. Апсолутно, прашањето е доказите – дали бомбите ќе се користат како докази затоа што сите тие се индиции на крајот на денот – изјави Заев по настанот од проектот на ЕУ и Светска банка за развој на регионалната инфраструктура.
Премиерот и претседател на СДСМ рече оти од претставниците на работната група на СДСМ, која заедно со работната група на ВМРО-ДПМНЕ долго преговараше за изнаоѓање решение за СЈО по истекот на неговиот мандат, тој добил впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да бидат поништени предметите на СЈО.
– Било кој ако биде ставен во позиција дека сака да ги уништи предметите, дека сака да ги омаловажи, да ги одложи или како било да им наштети ќе изгуби политички. Тоа е чувство кое што мораме да го споделиме. Јас верувам, барем така работните групи соопштуваат, ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ги уништи, така кажуваат дека не сакаат да ги уништи. Така да ги најдеме формулациите коишто ќе го дадат решението – изјави Заев.
Тој рече оти и најновите „бомби“ што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, но и сите други докази за висок криминал и корупција, би морале да се користат како докази во судски постапки.
– Слушнат глас, разговор снимен или што било треба да се користи. Јас немам проблем да разговарам на такви теми. На крајот сето тоа е индиции. Ако постојат индиции за кривично дело, криминал или корупција или што било, секако треба тоа нашиот систем да го користи, секаде во светот се користи, така што немам предрасуди. Ако алудираат на тоа што е соопштено преку италијанските медиуми – да, треба да се користи. Ако нешто друго излезе – да треба да се користи за кој било, посебно за политичарите. Рековме, борбата беше да не се повтори никогаш повеќе, но секако индициите и модерните технологии и општество се повеќе ги вадат на површина, така да каков било криминал не може да се сокрие, вака или онака тој излегува на површина, а истражните органи треба тоа да го користат – изјави Заев.