Заев: Не сум го спасил Ахмети – сите процеси на СЈО продолжуваат

Сподели

Сите процеси за кои постојат докази продолжуваат од точката во која се застанати во моментов, изјави денедска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали со новото законско решение за СЈО всушност го спасува неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

-Сите процеси за кои постојат докази продолжуваат, доказите се живи и здрави тие постојат, не може некој да ги уништи, да ги сокрие, соодветно се распределуваат во државното обвинителство, понатаму во новото СЈО за висока корупција, во обвинителството за организиран криминал, во скопското или во некое од внатрешноста. Предметите соодветно се распределуваат затоа што докази постојат, рече Заев и додаде дека законот е квалитетен и оти во неговата подготовка учествувале и домашни и странски експерти.

На новинарско прашање дали со овој предлог закон го спасил неговиот коалициски партнер Ахмети, Заев негираше.

-Апсолутно не. Јас го читав законот, сите процеси за кои постојат докази продолжуваат како процеси и нема дилема за тоа. Доказите се живи и здрави и тие постојат, не може никој да го сокрие или уништи – рече Заев додавајќи дека „бомбите“ ќе бидат само индиции.

Нагласи дека со новото законско решение во ниту еден момент не се гледала можност некој да се спаси или да се оцрни и изрази верување дека ќе се обезбеди консензус за законското решение за јавното обвинителството, каде е вклучен и статусот на СЈО.

Премиерот повтори дека во новиот закон прислушуваните разговори ќе се користат за случаите до 30 јуни 2017 година, односни за 18-те предмети, кои се поднесени до судовите.

-Законот предвидува дека разговорите по тој датум нема да се користат, ама процесите ќе продолжат. Тоа е дел од договорот од Пржино, тие 18 месеци, рече Заев.

Предлог-законот засега има подрршка од владејачкото мнозинство, односно од 68 пратеници, се уште го нема потребното двотретинско мнозинство, но тој очекува дека ќе бидат обезбедите 80 пратенички гласови.

Во однос на случајот „Монструм“ и што со него и бомбите со новото законско решение, Заев напомена дека сега независни државнио органи го водат случајот, за разлика од претходно.

-Материјалите се предадени, сите бомби се предадени. Тие се индиции, без разлика дали се доказ или не тие се индиции, како што со одредена индиција почнува истрага за да се обезбедат докази, така и разговорите што ги има СЈО се индиции и се во државна сопственост, посочи премиерот.