Свечената програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката и Илинден во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, во организација на Владата на Република Северна Македонија започна со полагање венци свежо цвеќе на спомен обележјето на Првото Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
Венци свежо цвеќе положи делегацијата на Владата предводена од нејзиниот претседател Зоран Заев, во чиј состав беа и заменик-претседателот во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Празничната програма на Пелинце потоа продолжи со првите содржини од пригодната културно-уметничка програма, по што следуваше исполнувањето на државната химна на Република Северна Македонија и обраќањето на премиерот Заев.
Со честитките и желбите за многу векови празнување на Денот на Републиката – Илинден, претседателот на Владата Зоран Заев порача дека овој наш најголем празник, е ден кога им оддаваме почит и ги чествуваме сите наши мажи и жени, браќа и сестри, кои беа живи факели и гореа во желбата за македонска држава и за остварувањето на сонот на генерации и генерации дејци за македонската кауза и во декадите што претходеа и во декадите што следуваа.
„Во овој ден што го одбележуваме денеска, се дел од корените на нашата државност и на нашата иднина. Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите. Тоа се генетски записи пренесени од сите наши претходници. Тоа се генетски записи во кои се збрани вредностите на кои се повикуваме и на кои ја градиме иднината. Тоа е континуитет на вредности какви што се вградени и што ги негуваат сите модерни европски држави“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.
Премиерот Заев во своето обраќање рече дека светлината на Илинден блеснала два пати во нашата историја – Првиот пат во 1903 година со Илинденската епопеја, која заврши со Крушевската Република и втор пат Илинден во 1944 година, во манастирот Свети Прохор Пчињски, каде што се одржа Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.
„Како земја сојузничка во антифашистичката војна, на големиот чин со историски димензии, на Првото државотворно заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, раѓањето на Демократска федерална Македонија непосредно го сведочеа и воените претставници на големите сојузнички сили – Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Тоа се истите денешни наши сојузници во НАТО. Ете толку далекусежно и историски значајно е Првото заседание на АСНОМ“, нагласи премиерот Заев.
Никој не може да го порекне државотворниот концепт на АСНОМ содржан во Декларацијата за основните права на граѓаните на Македонија и во Манифестот на АСНОМ, рече премиерот Заев и потенцираше дека државотворни документи се она што е Европа денес – документи за универзалните слободи и права.
„После сите историски битки, после сите негирања и присвојувања, со сите разноразни поствоени договори и прекројувања на државните граници на Европа, со сите директиви на Коминтерната и на сите останати заговорнички теории, на 2 август во 1944 година Демократска Федерална Македонија се дефинираше на мапата на европските држави како конституента на Федеративна Народна Република Југославија, подоцна Социјалистичка Федеративна Република Југославија“, порача премиерот Заев.
Заев потоа посочи на континуитетот на дефинирањето на македонската држава кој продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903-та и на АСНОМ 1944-тата.
„Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден. На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден. Огнот што го распламтија плејадата македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци припадници на другите народи во нашата земја“, истакна во своето обраќање премиерот Заев.
Претседателот на Владата Зоран Заев на Пелинце рече дека оваа година Денот на Републиката – Илинден се совпаѓа и со одбележувањето на 30 годишнината од независноста на државата.
„Секоја генерација има свој Илинден. Оваа година одбележуваме 3 децении од независноста со една единствена желба – Нека е вековита и да го чуваме и негуваме и тој историски настан како скапоцен дел од нашиот државен континуитет. Државниот континуитет како наш Трет Илинден. Нашиот трет Илинден е печатот ставен на личната карта на Северна Македонија во Обединетите Нации, држава во која официјален и службен е македонскиот јазик. Нашиот трет Илинден е и нашата борба и нашата победа на демократските наспроти декадентните вредности. Победата на парламентаризмот и дијалогот наспроти едноумието, омразата и насилството“, потенцираше премиерот Заев.
Тој уште додаде дека Континуитетот во остварувањето на нашите стратешки интереси како наш Трет Илинден е и нашето членство во НАТО, и дека во тој дух, овој свечен ден не повикува да продолжиме и понатаму кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија.
„На безбедноста на нашиот дом, татковината Северна Македонија го додадовме и пријателското соседско опкружување. Северна Македонија со ништо и никому на соседите не му наштетила и низ историјата, ниту пак има намера тоа да го прави во иднина. Секогаш бевме и остануваме на сончевата страна за мирољубиво решавање на сите недоразбирања и конфликти. Наместо извор на проблеми, ние станавме извор на идеи и иницијативи за решенија кои регионот, го водат напред“, рече Заев.
Премиерот дополни дека Северна Македонија денес е една од водечките земји кои наспроти блокадите и ризиците од нови ѕидови гради мостови.
„Ние денес заедно со нашите соседи градиме Отворен Балкан, ги рушиме препреките и се бориме за поголеми слободи на нашите граѓани. Градиме нов, европски, поврзан Балкан врз широко прифатените идеи за подобар живот за сите, за заедништво, за помагање, за олеснување, за слободно движење, за слободно мислење и создавање. И тоа е нормална и очекувана иницијатива после историскиот Договор од Преспа со кој решивме спорот со Грција, како позитивен преседан во историјата на дипломатијата. Јас сум уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Северна Македонија“, потенцираше премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев во своето обраќање порача дека Илинден и 2 август 1903-та и 1944-та се длабоко врежани во меморијата на сите нас како наразделни поглавја во процесот на создавање на нашата заедничка држава.
„Денес гласот на граѓаните е слободен, слушнат, разбран и почитуван повеќе од кога било; Денес различностите во Северна Македонија се на пиедесталот, повеќе од кога било; Денес македонскиот глас ечи посилно од кога било; Денес Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите останати, се обединети повеќе од кога било“, рече премиерот Заев.
Премиерот нагласи дека кога сме тука во Пелинце или во Крушево и на сите други историски места, кога се сеќаваме и ги чествуваме жртвата на илинденските востаници, на хероите на народно-ослободителната борба, на актерите на независноста, сведочиме и за постоењето на една повисока цел во животот која ја прави разбирлива волјата на нашиот народ храбро и непоколебливо да продолжи понатаму.
„Да се соочиме храбро со сите предизвици и исправено и гордо да речеме: Продолжуваме да чекориме горди и да ја вградуваме и нашата приказна во таа на Европа. Со таа мисла и со тој стремеж, нека е вечен споменот на двата Илиндена – Нека е честит и вековит Денот на Републиката“, порача Заев од Пелинце од свечената програма по повод 2 Август – Денот на Републиката.
Свечената државна програма по повод државниот празник 2 Август – Ден на Републиката на Пелинце продолжи со културно-уметничка програма на која настапија хорот на Националната опера и балет, Националната установа за народни песни и игри „Танец“, и на Националната установа за Ансамбл на албански ора и песни во Република Северна Македонија, и ученици од балетскиот оддел на Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски Луј“.