Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска од Крушево го честита големиот државен празник, 2 август – Ден на Републиката, во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тој рече дека со години во Македонија е наметната една лажна привидна поделба на партизани и комити со цел едната партија да се поврзе со наследството на борците од првиот Илинден, а другата со востаниците од вториот Илинден, оцени лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Не постои таква поделба. Нема поголем доказ од фактот дека партизанските одреди ги носеа имињата на илинденските дејци Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Никола Карев. Не постојат два различни идеала, две различни револуции. И во 1903 и за време на Народно ослободителната борба, и во минатото и денес, постоел и постои само еден идеал, слободна Македонија во којашто достоинствено ќе живеат сите нејзини граѓани. Единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите. За среќа арамиите се малку и ќе бидат многу брзо поразени. Републиката којашто е во пламен и опустошена од оваа мала фамилијарна банда повторно ќе ја изградиме согласно илинденските идеали – рече Заев.
Тој порача дека набргу ќе има и правда и правдина, просперитет и иднина и оти идеалите се исти само оружјето е сменето.
– Некогаш нашите предци битката за слобода ја водеа со пушки со топови. Денес најмоќното оружје е гласот на граѓанинот. Го слушаме тој глас, кренат и бунтовен низ улиците веќе со месеци. Се крена народот против арамиите, а за подобар живот. Многу бргу тој глас ќе се преточи во гласачки ливчиња и во победа на илинденските идеали за слободна, демократска и просперитетна Македонија. Оваа наша република нема веќе да е вилает на фамилијата на власт, туку ќе му припаѓа на граѓанинот на Р. Македонија. Ако можеше Македонија многу пати да се крева од пепелта ќе се крене и денес. Дали сме ги исполниле соништата на борците од сите илиндени, на нашите знајни и незнајни јунаци, денес се мери според квалитетот на животот.
Тој порача дека е потребен нов Илинден во кој ќе се обединиме одново без разлика на вера, народност, пол и убеденија.
– Заедно, браќа, сестри, земјаци и комшии како што е запишано и во Крушевскиот манифест, ќе се избориме за право, слобода и за социјална правда. Денес, не повикуваме слобода или смрт, туку и слобода и живот, затоа што денес знаеме дека тоа е остварливо – рече Заев.
Извор:http://meta.mk/zaev-potreben-nov-ilinden-vo-koj-ke-se-obedinime-i-ke-se-borime-za-sloboda-i-zhivot/