Заев: Предлог-буџетот гарантира домаќинско и ефикасно управување со државните пари

Сподели

Предлог буџетот за 2018 година гарантира домаќинско и ефикасно управување во работењето со државните пари, рече денеска премиерот Зоран Заев, презентирајќи го Предлог-буџетот што вчера беше усвоен на владина седница и доставен до Собранието.

Предлог буџетот, како што наведе Заев, ги содржи препораките од јавната дебата, а основната цел при неговата подготовка била развојната компонента за насочување повеќе пари кон граѓаните.

– Предлог буџетот ги обезбедува основните функции на државата за непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери. Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност. Обезбедува услови за реално раздвижување на економијата, при што ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции- рече Заев.

Тој соопшти дека предлог-буџетот за 2018 година ќе изнесува 3,4 милијарди евра, со буџетски дефицит од 2,7 процента од домашниот бруто-производ (БДП), помал во однос на оваа година, кој изнесуваше 2,9 отсто.