Заев – Вархеји: Идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска, денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Оливер Вархеји.

 

 

Еврокомесарот Вархеји ја пречека македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

 

 

Вархеји додаде дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес после 2,5 години, во Советот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ се води стратешка дебата за Западен Балкан во која  деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број 1 и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да одблокира овој процес.

Претседателот на Владата Зоран Заев на средбата со еврокомесарот Вархеји истакна дека високо ги оценува овие напори на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија.

Техничката Влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение, нагласи на средбата премиерот Заев.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за  нашиот идентитет  нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, потенцираше на средбата претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев.

Премиерот Заев и еврокомесарот Вархеји на средбата во Брисел се согласија дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија.