Заев за ЕРТ: Референдумот ќе биде на 23, 30 септември или 7 октомври (ВИДЕО)

Сподели

Заев во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ истакна дека три датуми се во игра за референдумот– 23 септември, 30 септември или 7 октомври.

Тој изрази уверување дека референдумот ќе биде успешен и дека граѓаните ќе се изјаснат позитивно, а бидејќи тој ќе има обврзувачки карактер, ќе мора да биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Ѓорге Иванов Иванов.

– Народот убеден сум дека ќе биде „за“ договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни – изјави Заев во интервју за грчката телевизија.

Македонскиот премиер вели дека доказ дека договорот е фер и правичен е што двете опозиции и во Македонија и во Грција се критички кон решението, а тоа значи дека двете страни подеднакво отстапиле или подеднакво добиле.

МИА