Интервју на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за српскиот весник Данас.
Српски Данас: Министерот за надворешни работи на Русија, Лавров неодамна изјави дека кризата во Македонија е вештачка и го обвнини Западот за мешање во внатрешните работи на вашата земја. Дали е во право?
Заев: Политичките партии во Македонија сите одлуки ги носат низ партиските органи и тела. Советите од земјите пријатели на Македонија се добредојдени, посебно што граѓаните на Република Македонија 10 години имаат работа со режим, но ниту една надворешна држава држава, и да сака, не може да влијае на ставови на политичка партија коишто се градат низ партиски процедури, преку гласање на своите членови. Така што, јас би рекол дека станува збор за обид на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ да создаваат перцепции на вештачки непријатели. На тој начин да се обидуваат да придобиваат сојузници, затоа што во тоа единствено гледаат спас за себе од оваа ситуација во којашто се наоѓаат по изборите, откако не успеаја да формираат Влада. Тие цела деценија не работеле на интеграција, туку на изолација на Македонија, за полесно да ги крадат граѓаните и да се богатат на нивна сметка. Или, сетете се само на масовното прислушување на граѓаните на Македонија за кое што Груевски на почетокот тврдеше дека го правеле странски служби, жолти комбиња, преку некои тактички опреми, до моментот додека не се откри дека тоа го правеле домашните тајни служби. Склони се на комплетно извртување на вистината кога се работи за заштита на нивните интереси. Македонија е мала земја, за да се развива демократски, економски, потребни и се пријатели од меѓународната заедница и овие политики на карање на државата со која и да е земја од светот не им носат ништо добро на граѓаните. Луѓето тоа го сфатија, затоа избраа промени, и јас се надевам дека многу брзо по промената на власта, новата реформска Влада ќе ги обнови и зацрвсти односите на Република Македонија со државите на меѓународен план, како што и доликува на една демократска земја отворена за светот и кон светот.
Српски Данас: Неодамнешните посети на претставниците на Европската Унија, прво Могерини, па потоа на Хан беа неуспешни. ЕУ најавува можни санкции. Што очекувате од Брисел?
Заев: Пораките од еврокомесарот Хан и од високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини се јасни – во Македонија е формирано на демократски начин новото парламентарно мнозинство. Институциите, како што е Парламентот и вршителот на должноста претседател на државата, Ѓорге Иванов не смејат да ги кочат демократските процеси. Мора да овозможат да го добијам мандатот за состав на новата Влада, со оглед дека зад мене застанаа со своите потписи 67 пратеници од вкупно 120. Тие 67 пратеници се претставници на околу 700.000 граѓани. Јасна е мнозинската волја на граѓаните изразена на кредибилни избори и сите очекувања се свртени кон брз и мирен трансфер на власта. Секој кој и сака добро на Македонија ќе застане зад овие демократски процеси, а тоа го прават и домашната и меѓународната демократска јавност.
Српски Данас: Јоханес Хан изјави дека на Македонија итно и е потребна нова Влада. Вие обезбедивте мнозинство, но претседателот Иванов и понатаму одбива да во го даде мандатот. Како ќе формирате Влада, а политичките противници да не ве обвинат дека го кршите Уставот и законите?
Заев: Ние ги почитуваме и ќе ги почитуваме Уставот и законите. Според Уставот јас ја добив поддршката од мнозинството пратеници во Собранието за формирање нова Влада. На кредибилни избори се избрани новите пратеници во Собрането, на легитимен и демокртаски начин е формирано новото парламентарно мнозинство и должност му е на Иванов да ми го даде мандатот. Тој нема право да одлучува дали ќе ми го даде мандатот или не. Неговата улога е церемонијална. Го даде прво мандатот на Груевски, не му бараше мнозинство во Собранието, не му бараше Програма, иако од самата партија ДУИ има признание дека Груевски комплетно ја прифатил таканаречената платформа на албанските партии, но Никола Груевски не успеха да формира Влада. Јас успејав. Обезбедив мнозинство и иако немав обврска, ја објавив Програмата на новата реформска Влада којашто ја гарантира унитарноста на државата, обезбедува владеење на правото, економски развој, социјална кохезија и евро-атлантска индина на државата. Според Уставот, со оглед дека Ѓорге Иванов го штити Груевски и не ми го дава мандатот, парламентраното мнозинство можеше и досега, без Иванов, да ја избере новата Влада. Иванов е тој кој под директива на Груевски го крши Уставот и ја продлабочува свесно политичката криза, оставајки му простор на Никола Груевски да поттикнува поделби, насилство и да ја дестабилизира земјата за лични интереси, во обид да ги спречи промените и со надеж дека така ќе ја избегне правдата. Тоа е противуставно, тоа што го прават тие двајцата. Но јас сум одговорен човек и политичар, а СДСМ отсекогаш била и ќе биде државотворна партија којашто мисли пред се на интресите на граѓаните и на државата. Затоа толку внимателно ги движиме демократските процеси. Знаеме какви несериозни луѓе имаме од спротивната страна. Правиме се што е во наша моќ да обезбедиме промена на власта на мирен начин. Сепак, сакам да кажам дека ова што го прават Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на теренот, еве вадат и мали дечиња на улица, од по неколку години, ученици, шират говор на омраза и етничка нетрпеливост – веќе е аларм за сите дека кризата мора брзо да се реши и ќе направам се, да спречам поголеми штети. Низ институциите на системот, согласно Уставот, очекувам брзо да биде избрана новата Влада.
Српски Данас: „За заедничка Македонија“ продолжува со протестите. Груевски бара нови избори. Дали ќе ги прифатите?
Заев: Граѓаните на кредибилни избори се изјаснија дека сакаат промени. Не сакаат режим. Се изјаснија дека сакаат заедништво, не сакаат поделби. Сакаат квалитетен живот, не сиромаштија. Сакаат правда, не криминал. Што ќе сменат нови избори? Со кого ќе коалицира Груевски кога никој повеќе не сака да коалицира со него? И до кога така ќе имаме избори? Ако треба да има додека Груевски не добие шанса да формира Влада, тоа нема да се случи повеќе. Политичарите како Груевски и неговите соработници кои украдоа над 5 милијарди евра народни пари на свои сметки во странство, кои доведоа над 500.000 луѓе во Македонија под работ на сиромаштија, кои иселија 626.312 луѓе, главно млади во странство, кои масовно ги прислушувале своите граѓани, за да ги бркаат од работа, за да рушат милионски инвестиции и да ставаат пиштоли во уста на политички неистомисленици за реваншизам, тие се веќе минато во политиката. Македонија е зрела за нов начин на водење политика, низ дијалог и партнерство со граѓаните, за потребите на граѓаните. Така што, Македонија со нови избори само ќе изгуби време. А веќе изгуби 10 години. Време е Република Македонија да оди напред. И тоа ќе го овозможи новата реформска Влада.
Српски Данас: Дали е возможен компромис помеѓу вас и Груевски и каков би бил тој комромис?
Заев: А за што би можеле да имаме компромис јас и Груевски? Тој им наштетува на граѓаните и на државата, јас им помагам. Тој ги мрази луѓето, ги дели, јас ги сакам, ги обединувам. Тој сака изолација на Македонија, јас ја гледам Македонија како дел од Европската унија и НАТО. Тој бега од правдата, јас се заложувам за правда за сите. Тој мисли за своето лично ботатство, јас сакам сите граѓани во Македонија да живеат добро. Со Никола Груевски и неговите соработници не е можен компромис. Јас знам дека во ВМРО-ДПМНЕ има и чесни и совесни политичари и искрено се надевам дека ќе успејат да се справат со раководството кое им е вмешано во криминали и ќе ја изнесат партијата на демокртатскиот пат. На Македонија и треба квалитетна опозиција и она што можам со чисто срце да го кажам е дека ќе подадам рака кон таа нова структура во ВМРО-ДПМНЕ, како совесна власт кон совесна опозиција, сите потребни и клучни реформски процеси за стратешките интереси на Македонија да ги направиме низ разбирање и дијалог. Но таму не го гледам ниту Никола Груевски, ниту пак некого од неговото опкружување.
Српски Данас: Дел од јавноста во Србија смета дека поради Тиранската платформа политичката криза во Македонија има етнички основи и дека суштината на кризата е во албанскиот сепаратизам и мешањето на Тирана. Дали тоа е точно?
Заев: Тоа што единствено постои и е валиден документ за сите граѓани е Програмата на новата реформска Влада на Република Македонија. Во неа има мерки кои ги решаваат проблемите и потребите на сите граѓани исклучиво согласно Уставот. Предвидена е поширока употреба на јазиците на заедниците, на Албанскиот јазик, но и на Турскиот, Српскиот, Ромскиот, секаде каде што е тоа можно и каде што го дозволуваат Уставот и законите, затоа што од тоа добиваат сите граѓани и Република Македонија, а не губат граѓаните Македонци. Напротив, ја зацврстуваме употребата и на Македонскиот јазик, бидејки поради досегашната неодговорна власт, во некои средини, се дозволи, иако по Устав Македонскиот јазик е службен јазик, да има, на пример училишни табли само на јазик на некоја од заеднците, или слични примери. Тоа повеќе нема да се случува. Во Програмата на новата Влада нема менување химна, грб, знаме, нема осудувања народи за некакви геноциди, какви што лаги беа кажани за да не скараат со нашиот пријателски српски народ, нема менување на уставното име на Македонија. Нема сепаратизам. Сите сме заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци… Сите стоиме зад оваа Програма на новата Влада којашто гарантира унитарна Македонија, едно општество за сите, земја на еднакви граѓани. Победи концептот на заедништво. Јас сум непоправлив оптимист дека Република Македонија ќе биде пример и во регионот и во Европа како со пенкало и глас поразила режим и како и покрај огромната пропаганда на режимот што со последните сили се одржува преку креирање меѓуетнички и интеретнички поделби, останала обединета. И уште чекор понатаму, успеала да направи исчекор кон демократскиот свет и евро-атланстките перспективи.
Српски Данас: Очигледно е дека Западниот Балкан е во криза. Многумина сметаат дека Македониа е најслабата алка?
Заев: Јас верувам во моите сограѓани, тоа се 700.000 граѓани кои застанаа на браникот на демократијата, европските вредности и заедништвото. Верувам и дека многу повеќе луѓе од овие 700.000 граѓани, очекуваат разврска на политичката криза низ промените што треба да се случат, затоа што тие носат живот за сите. Сепак, ова е Балкан, имате право, а посебно кога станува збор за непресметливи полтичари, како што се во Македонија Никола Груевски и неговите соработнци, тогаш мора да се биде внимателен и во прогнозите и во очекувањата. Затоа, Македонија може да биде најслабата алка, а може да стане и најсилната алка на Западен Балкан. Имаме потенцијал за второто. Поразивме режим на избори, без капка крв. Продолжуваме мудро и претпазливо да ги движиме процесите, новата Влада уверен сум ќе покаже и докаже што значи грижа за сите свои граѓани, за Република Македонија, што значи да се биде добар сосед и пример, како, ако се има искрени цели, може да се успее. Нашиот успех ќе биде обнова на демократските процеси во земјата, а тоа убеден сум дека ќе го повлече и регионот напред, кон заедничка перспективна иднина.
Српски Данас: Како го оценувате ставот на официјален Белград кон актуелната криза во вашата земја? Доколку станете премиер, за какви односи кон Србија ќе се залагате?
Заев: Република Србија не е само наш сосед, тоа е наш братски народ, со кого споделуваме заедничко минато, култура, традиција, историја, а `не поврзува и заедничка иднина, во евроинтеграциите. Имаме добри односи со официјалните српски власти и јас не само што очекувам, туку и ќе се заложам, од позиција на премиер да ја унапредиме меѓусебната соработка на сите нивоа. Само на тој начин ќе придонесеме за доброто на граѓаните на Србија и на Македонија, а тоа верувам дека го сакаат и го очекуваат луѓето од нас. Овој интерес на српските медиуми за ситуацијата во Македонија, просторот што ни го одвојувате на вашите страници за објективно информирање за случувањата во нашата земја е доказ дека сме упатени едни кон други, бидејки зависиме едни од други како во политичка така и во економска и друга смисла. Благодарни сме за тоа и на вас и на граѓаните на Србија и продолжуваме да ја градиме заедно нашата иднина на приципиелен начин низ демкратските принципи што носат развој и стабилност на граѓаните и на двете држави.