Законот за употреба на јазиците назад пред пратениците

Сподели

Законот за употреба на јазиците оваа недела нема да се најде пред пратениците. На денешната координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, координаторите на владејачките пратенички групи се договориле неделава да нема седници од причина што неколкумина пратеници се на службен пат и немаат кворум за работа. Од Кабинетот на Џафери велат дека, Законот најверојатно ќе биде ставен на дневен ред идниот понеделник, на 29-ти јануари, а тогаш ќе се избираат и петмината потпретседатели на Собранието, јавува Телма.

 

Амандмани може да се поднесуваат само на членовите на кои претседателот Ѓорѓе Иванов упати забелешки при одбивањето да го потпише указот. Тој има забелешки на 19 од вкупно 25 члена од законот.

Од ДУИ веднаш се изјаснија дека нема потреба од дополнителни амандмани, СДСМ велат дека првин ќе ги разгледаат забелешките па ќе заземат став.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа повлекување на Законот, формирање на работни групи составени од партиите, професори од Правен факултет и јазичари, од Кабинетот на Претседателот и од МАНУ.

Доколку и овојпат за законот гласаат најмалку 61 пратеник, тој ќе биде донесен, по што повеќе нема да има потреба од потпис од Претседателот.