Законски измени на плаќањето за ковид-лекување во приватните болници

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека утрово на состанокот на Координативниот штаб имало предлог да се донесат измени на Законот за здравствена заштита, со што, за приватните болници ќе има финансиски ограничувања за средствата кои тие ги наплаќаат за лекување на ковид-пациенти.

Филипче додаде дека тие го слушнале гласот на граѓаните и предлог-измените утре ќе бидат претставени на владина седница.

Тој исто така информираше дека денеска на софискиот аеродром ќе пристигнат 2.000 кинески вакцини, чија што пратка од Кина била иницирана од почетокот на февруари од страна на нашиот амбасадор во Обединетите Емирати. Овие вакцини ќе бидат вградени во системот за вакцинација.

До сега, како што информираше министерот, вакцинирани се 25.000 граѓани, а утре ќе заврши вакцинацијата на вработените од критичната инфраструктура. Тој рече дека до сега се вакцинирале вработени кои се под ризик од АРМ, МВР, негувателки, учителки, правосудни органи, техничка служба на Собрание, пратениците.

Од среда ќе продолжи вакцинацијата по возрасни групи, каде што приоритет ќе имаат постарите граѓани со хронични болести.

Филипче апелираше на трпение, најави дека во април ќе стигне поголема количина на вакцини и на тој начин, старосната граница за вакцинирање ќе се намалува.

Во однос на исполнетоста на болниците рече дека за викендов имало помалку приеми во однос на претходниот, денеска бројката е околу 300 позитивни, но ќе се чека утрешниот ден за да се потврди трендот на намалување на позитивни и хоспитализирани.

Филипче додаде дека потребна е претпазливост со трендот на намалување на бројките од што ќе зависи димензионирањето на мерките и менаџирањето на болниците.

Денеска се вакцинираа и 600 медиумски работници, а според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во оваа фаза биле вакцинирани оние работници над 40 години и со хронични болести, а се надева дека во следната фаза и сите други медиумски работници.

На овој начин како што рече, ќе се заштитат медиумските работници кои доаѓаат во контакт со многу луѓе, но и ќе бидат безбедни за околината. Тој апелираше за масовна комуникација, бидејќи тоа е единственото оружје против ковид-19.