Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос на денешниот брифинг за медиуми оцени дека преговорите за името продолжуваат со интензивен ритам.
– Можам јасно да кажам дека во овој момент чекориме по еден доста позитивен пат – изјави Ѕанакопулос, пренесува МИА.
Ѕанакопулос исто така рекол дека нацрт спогодбата ја разработува грчкото МНР, а набрзо е планирана посета на шефот на дипломатијата Никос Коѕиас на Скопје. Сепак, тој не го откри конкретниот датум, велејќи дека тоа ќе го соопшти грчкото МНР.
– Позицијата на грчката влада е сложено име, ерга омнес, за севкупна употреба. Што значи тоа? Дека е потребна промена на уставот за да можеме да стигнеме до заемно прифатливо и одржливо решение. Промената на уставот ќе се однесува и на името, но веројатно и на иредентистичките позиции што се вклучени во уставот на соседот. Но, ова се прашања што ќе се решат за време на преговорите, преговори кои јасно е дека ќе завршат со еден меѓународен договор, бидејќи говориме за договор помеѓу две независни држави – рече портпаролот на грчката Влада.
Ѕанакопулос, на денешниот брифинг, упати остри критики до лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, меѓу другото и за ставовите за прашањето за името. Смета дека изразените ставови при вчерашниот говор во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон се различни и контрадикторни од оние што Мицотакис ги има во Грција.
Весникот „Катимерини“ денеска пишува дека „посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на Скопје, што веројатно ќе се случи на 22 и 23 март, доаѓа во период на зголемени политички тензии по вчерашните случувања во Собранието во врска со донесувањето на Законот за јазиците“.