Вчера во Битола беше отворањето на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Златна камера 300, за животно дело му е врачена на легендарниот кинематограф Пиер Лом, а застапник на вториот лауреат Џузепе Ротуно, кој поради возраста не може да допатува во Битола, ќе ја понесе втората Златна камера за животно дело.
На „Браќа Манаки“ годинава има 13 кинематографи од светот, најмногу досега на фестивалските изданија. Фестивалот започнува со македонска премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на Манчевски, по што следи проекција на бугарско – македонката копродукција „Насоки“ во режија на Стефан Командарев. На отворањето, публиката ќе проследи сценски перформанс по концепт и режија на Нела Витошевиќ, а кој се базира на култните филмови и реплики на годинешните добитници на наградите за животно дело. Кореограф е Искра Шукарова.
Фестивалот ќе затвори на 30 септември со францускиот филм „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Дени каде што кинематограф е Ањес Годар, која е директорка на фотографија и на македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, кој ќе биде исто така прикажан во Битола. Македонскиот режисер и сценарист Милчо Манчевски, е добитник на „Златната камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, која ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот.
Во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 годинава се 13 филмови, кои ќе бидат оценувани од меѓународното жири, предводено од Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка. Фестивалот, чие годинешно мото е „Допри ја светлината, почувствувај ја Битола“, годинава ќе одбележи и јубилеи од македонската кинематографија, покрај главните селекции се и програмите „Мак поинт“, потоа „Перспективи на европскиот филм“, „Студентската програма“ во која учествуваат 14 филмски академии од регионот, програмата за деца, „Краток филм“, а документарната селекција содржи 7 ангажирани филмови.