Започна јубилејното 60. издание меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“

Сподели

 

Под мотото „Рацин без компромис“, со сценски перформанс во Спомен-костурницата и со врачување на наградата „Рациново признание“ на писателот Блаже Миневски, во Велес започна јубилејното 60. издание на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“.

На свеченото отворање присуствуваше и кабинетската советничка Оливера Ливриниќ, која заедно со делагациите од Општината, институциите и училиштата оддадоа почит на еден од основоположниците на современата македонска книжевност и на идеите за слобода, Коста Солев Рацин.

Манифестацијата, која одбележува значаен јубилеј во јубилејната година на Рацин, 80 години од смртта на поетот и револуционер, до 15 јуни ќе понуди бројни содржини.

Во Народниот музеј во Велес денеска во 12 часот ќе се одржи и Научен симпозиум на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Во 20 часот, во амфитеатарот во Велес пак премиерно ќе биде прикажана ТВ серијата посветена на Кочо Рацин, „Црвениот поет“, во режија на Никола Поповски и по сценарио на Сашко Насев. Прикажувањето на серијата, која е во продукција на „Сектор филм“, ќе се одвива и во вторник и во среда во вечерните часови.

Во вторник пак, на програмата е предвидена посета на планината Лопушник, местото на загинување на Рацин и пречекување на ултрамаратонците. На споменикот на Лопушник ќе има и поетски читање на стиховите на Рацин. И во среда, под мотото „Уметност без компромис“, во Градскиот парк во Велес ќе се одржи поетско читање на млади автори, а во Куќата на Рацин предвидено е поетско читање на авторите кои се гости на овој фестивал.

Свеченото затворање на манифестацијата ќе биде на 15 јуни, кога ќе биде врачено и „Почесното Рациново признание“ на литературниот критичар, истражувач, издавач од Бугарија, Пламен Тотев.