Зехофер понуди оставка во владата на Меркел

Сподели

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), и понуди оставка на канцеларката Ангела Меркел, незадоволен од исходот на самитот на Европската Унија на кој се утврди новата миграциска политика.

Понудата на Зехофер за оставка, според некои германски медиуми, се уште се смета како неофицијална, и постои можност тој да се премисли. Зехофер и Меркел влегоа во конфликт околу мигрантската политика откако тој најави дека ќе ги искористи своите овластувања како министер за внатрешни работи да нареди враќање на дел од мигрантите кои се обидуваат да влезат во Германија. Партијата ЦСУ има поостар став кон мигрантското прашање од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел, и е поблиска по ова прашање до владите на Австрија, Италија и Унгарија.

ЦДУ и ЦСУ се во повеќедецениска коалиција и заеднички настапуваат на изборите во Германија. Но, со приближувањето на регионалните избори во октомври, и со намалувањето на популарноста на ЦСУ, на сметка на анти-имигрантската партија АФД, Зехофер најави раскинување на коалицијата, што може да предизвика и пад на Владат на Меркел.