Судии од судовите во Македонија нестручно и непрофесионално одлучувале во кривичните постапки за одредени случаи, оценија денеска на прес-конференција тимот експерти од проектот „Граѓаните бараат правда-стоп за неправдите“ во организација на Транспаренси Македонија и невладината „Зелена лупа“.
Ване Цветанов од „Зелена лупа“ појасни дека преку проектот предвидена е анализа на 12 правосилни судски случаи од реномирани експерти, од кои досега се анализирани осум.
– Досега не е најдена пресуда која е изработена професионално, согласно законските норми и прописи каде е утврдена фактичка состојба или вина и каде што луѓето се осудени врз база на докази, односно каде не е прекршена постапката. Анализите потврдуваат дека македонскиот правосуден систем го допрел дното во последните 10 години и се неопходни итни реформи за подобрување на состојбите да не се повторуваат, истакна Цветанов.
Според анализите најзлоупотребувано кривично дело во последните години е злосторничкото здружување кое не е опфатено со новиот предлог закон за амнестија. Цветанов порача членот 394 да биде опфатен со амнестија. Мора да се има на ум, рече тој, дека кривичното дело злосторничко здружување е спојката преку која се монтираат сериозни политички монтирани случаи, како и случаи за наводен организиран криминал преку кои се инсталирал тоталитарен режим.
Судијата на Врховен суд Милка Ристова во нејзиниот извештај за предметот „Музеи на Македонија“ во кој обвинетиот учествувал во проценка на предмети од историско значење како стручњак со работна задача виш кустос-нумизматичар, констатирала дека судот не располагал со докази со кои ќе го товари осуденото лице и дека дејствијата кои ги утврдил со кои смета дека е извршено кривичното дело, се недокажани. Ристова наведува дека се направени повеќе прекршувања во постапката меѓу кои најважното дека нема елементи на кривично дело.
Во случајот „Отпад“ кој е анализа на адвокатот Георги Настевски тој појаснува дека се работи за повеќе луѓе обвинети за злосторничко здружување заради помагање при затајување на данок. Настевски рече дека во овој случај меѓу другото не се опишани и објаснети дејствијата на секој обвинет посебно, отсуствува законски назив на кривичното дело за кое се осудени и кои одредби од Кривичниот закон се применети, неправилна примена на мерката конфискација.