Зeмјотрес со сила од 8,4 го погоди Мексико

Сподели

Зeмјотрес со сила од 8,4 степени според Рихтеровата скала го погоди јужниот дел од Мексико, има неколку жртви. Властите издадоа предупредување од цунами. 

Земјотресот, кој го погоди брегот на Мексико синоќа, поточно сојузната држава Чиапас, според сеизмолозите од Мексико, имал јачина од 8,4 степени според Рихтеровата скала, а од последици од него загинале најмалку пет лица. Епицентарот на потресот бил на 137 километри од Тонала, на длабочина од 19 километри. Американскките сеизмолози пак измериле сила од 8 степени, а според нив, епицентарот е на 33 километри длабочина во Тихиот Океан.

Системот за предупредување за цунами во САД предупреди на можни опасни бранови по должина на бреговите на Пацификот, во Мексико, Гватемала, Ел Салвадор, Костарика, Никарагва, Панама, Хондурас и Еквадор.За американскиот западен брег не постои опасност од цунами.

Земјотресот бил почувствуван и во Мексико Сити, заплашаните граѓани истрчале на улиците.

Мекиканскиот претседател Енрике Пења Нието најави брзи мерки за помош, веќе е свикан кризен штаб заради следење на ситуацијата во погодениот регион.

Службата за цивилна заштита на Мексико соопшти дека е ова најсилен земјотрес од оној во 1985. година, кога животот го загубија илјадници луѓе. Погодениот регион се наоѓа во трустно подрачје.

DW