Жерновски: Економијата и дипломатијата – рака под рака

Сподели

 

Денеска и утре, во организација на Министерството за надворешни работи,  се одржува Конференција на Почесни конзули на Република Северна Македонија, акредитирани во странство.

Конференцијата со Почесните конзули, со свое воведно излагање, ја отворија министетот за економија, Крешник Бектеши и заменикот министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски.

 

“Високо ја цениме вашата посветеност кон извршувањето на одговорните функции на почесни конзули, како и вашиот значаен придонес за заштитата на интересите на Република Северна Македонија преку пружање помош на нејзините граѓани”, беа зборовите кои ЗМНР Жерновски ги упати до почесните козули на Конференцијата.

Во овие времиња, тежината на една земја на глобалната арена повеќе не се мери според нејзината географска големина, туку според нејзиниот капацитет и волја ефективно да придонесува во потрагата по решенија за растечкиот број на предизвици од транснационална природа, кои денес го оптоваруваат човештвото, беше истакнато во обраќањето.

Економијата прераснува во главниот двигател на политичките влијанија и затоа јас ја гледам економската дипломатија како еден пристап на промена во управувањето, со цел негување на поблиски односи со приватниот сектор, бизнис заедницата и разните невладини организации – како во нашата земја, така и во нашите земји партнери, нагласи заменикот мнистер. Во овој контекст, Жерновски посочи дека во остварувањето на оваа цела, потребни ни се мислењата и тимската работа со почесните конзули, со што би ги впрегнале пошироките аспекти на нашата дипломатска дејност за промоција на трговската размена, охрабрување на економскиот раст, привлекување на инвестиции и поддршка за бизнисите.

 

“Република Северна Македонија е отворена за бизнис”, истакна Жерновски, надополнувајќи дека од страна на почесните конзули очекува дипломатската економија да биде нивниот водечки принцип на работа и дека притоа да го промовираат нашето национално реноме на слободна пазарна економија ориентирана кон извозот.

По официјалниот дел на Конференцијата, Почесните конзули ќе имаат работна посета на Технолошката индустриска развојна зона (ТИРЗ) во Бунарџик, како и посета на градот Штип, Струмица и Кавадарци, со цел запознавање со проектите и капацитетите за инвестиции и соработка кои ги нудат овие градови.