ЖИВОТОТВОРЦИТЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Нема високо искачување без висока планина, нема летање без облаци, нема нов дух без нова материја што е негова основа.

Александар Литовски

Во време на пандемија која го растресе светот, човештвото има шанса за социјално-економски пресврт, оти тој му е на дофат. Но, нема надворешен пресврт без внатрешен пресврт. А, вистинскиот хуман пат кон иднината мора да биде втемелен на афирмација на најдобрите, најморалните и најумните поединци. Тоа ќе се случи тогаш кога светот ќе утврди и прифати човекољубна хиерархија на вредностите, хиерархија каде примордијална вредност ќе биде самиот Човекот, а не профитот. И кога врз таквата хуманистичка аксиологија ќе се темели и минатото и сегашност и иднината на човештвото и на целата природа. Сè друго е идеолошка измама. Сите што го велат спротивното, се приземни, плитки, апокрифни, ненаучни, дуваат во облаци или лажат. Лажат како што лажеше баронот Минхаузен, или како што со векови лажат поповите и оџите. Но, немам намера сега и овде да се грижам и зборувам за оние кои лажат, туку за оние кои преку борба за подобро денес и утре за човештвото, носат вистина, добрина и слобода за луѓето. За оние кои, всушност, се носители на животот. На оној вистинскиот, човечкиот живот за сите.

Се чини дека алтруистичката борба низ историјата на овие живототворци е нешто што на светот му се случува природно, како што на небото му е природно да ги носи ѕвездите во својата безгранична утроба. Без разлика дали таа борба е „спонтана“ или „осмислена“, ние треба да зборуваме и да се грижиме токму за тие великодостојници на хуманоста, кои, иако можеле да бидат водени само од сопствениот материјален интерес, сепак борбено се истопориле и спротиставиле на економското угнетување и на неправдата. Да зборуваме за оние кои веќе денес, со пишан збор и организирана голема практична акција, ги градат темелите на новиот хуман свет и го ѕидаат храмот на новата човечка свест. Ние треба да се грижиме и да зборуваме за овие демиурзи, оти тие, не само во минатото, туку и денес, распрснати низ целиот свет, се прогонувани, клеветени, стигматизирани, насилно замолчувани, измачувани и убивани. Да се грижиме и да зборуваме за оние кои се саможртвувале и се саможртвуваат, за подоброто утре на сето човештво. Тие треба да бидат првите, почесните граѓани на идниот универзален човечки сојуз.

Се знее дека овие животоносители отсекогаш од ефорите на нееднаквоста и злото се оцрнувани и прогонувани. Затоа глупави и невистините се папагалски преповторуваните измислиците дека во нив има варварски инстинкти желни за уништување на цивилизацијата, дека се некакви неразумни нихилисти кои сакаат да донесат немири и хаос. Сето тоа се лаги. Тотални измислици. Напротив! Тие сакале и сакаат да еманираат економската рамноправност, социјалната модернизација, топол дом, образование и здравство за сите, непрофитна култура, правда и правичност… Сакаат да донесат – социјализам! Тие се оние кои сакаат и го носат сонцето за сите. Тие се борат за востоличување на нова хумана цивилизација, наместо сегашнава криминална и експлоататорска. Тие се биофорите кои стоеле и стојат наспроти геноцидните мизантропи и уништувачи на животите на луѓето и планетата.

Живототворците, всушност, се милионите Атласи кои низ времето го крепеле и го крепат светот. Во денешнава човекојадна цивилизација нивната духовна вредност е намалена до микроскопски димензии, но заради чистота на целите, заради моралната совршеност на нивната саможртва и нивното дејствување, тие, неодбегливо, ќе се искачат на врвот од хуманистичкиот апогеј. Тие го овозможувале и ќе го овозможуваат животот, оној вистински достоинствен живот и го прават можно идното создавање на хумани духовни вредности. Некои ја негираат можноста за ваква хумана палингензија. Но, таа е реално можна, како што нè учи историјата на револуциите, но, секако, далеку потежок и поскап ќе биде патот на повторното издигнување на изгубените и потопените вредности.

Дали го негирате правото на малцинството да го подигне мнозинството од дното на засмрдената капиталистичка бара? Дали го одрекувате правото на борба на мнозинството да се подигне од дното каде, сè уште, се гуши под ужасната тупаница на едно буржоаско канибалистичко малцинство? Ако го негирате тоа, тогаш негирајте сè, и самите себе. Вие самите немате смисла, ако нема смисла овој милениумски стремеж за подобра, побогата, попаметна, почовечна иднина. Ако на Земјата нема свое значење идејата за појава на нови и посовршени генерации, тогаш целиот свет е гротескен и е некаква канцерогена малигна грутка која треба да биде проголтана од некоја вселенска Црна дупка.

Ете, во времето кога чудовиштето на неоколонијалните фашистички војни ја креваше својата многуглава, кого „правото“ и „вистината“ произлезегуваа од безбројните панцери и јункерси, се јавија антифашистичките живототворци и праведници кои зборуваа во име на обесправеното мнозинство и кои се втурнаа во безмилосна и крвава борба со злото кое се заканувало да го поклопи светот. Зборуваа и се бореа во име на сите оние кои секогаш го чувствувале во себеси Човекот, но кои молчеа и трпеа, па дури и немо и покорно одеа во конц-логорите и губилиштата. Така, на сртот, во маглата темносинобелузлава, стоеа луѓе кои пркосеа на фашистите и нивните квислинзи, на белосветските стопани и нивните кербери.

Стоеле такви нескршливи праведници и порано низ вековите, и продорно ги викаа еретичките зборови, од кои, на моменти, со тресок се уривало смуртено робовладетелско, закрепостено или религиозно-суеверно небо. И, добро е да се запомни дека за нив, идеалот не беше борбата, туку она што требаше да дојде преку неа. Знаеја многу добро дека неправдата што ги гуши сите нема да се крене сама од себе, како што се крева снегулката од ветерот, туку дека мнозинтвото од обесправени и понижени треба да се крене и да ја парампарчоса. И не само што се бореа да го донесат вистинскиот човечен живот, туку, понекогаш, мораа да се борат и против заблудите и малаксаноста на тоа мнозинство кое робовски молчеше и трпеше. Тие немаа друга алтернатива освен да се борат во сите услови, дуру и во најнеповолните, за идеалот на слободата и еднаквосата, за победа на човештината кај сите луѓе, дури и кај нивните најлути противници.

Се покажа дека победата на овие животоносители била привремена. Се чини дека човечката цивилизација „бега од слободата“ (Ерих Фром) и, повторно, неразумски, немо и покорно, го прифаќа фашизоидниот корпоративен империјализам како непроменлив modus vivendi и, всушност, суицидно се движи кон смртоносна „средба“ со сопствениот крај. Затоа, nota bene, единствена нова и животовредна перспективата е нова антифашистичка борба. Од некои нови – живототворци.