На денешната прес конференција Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ги најави активностите на партиско ниво пред претстојните Локални избори.
Директорот на Центарот за комуникации и аналитика на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов информира дека Централниот одбор на партијата донел повеќе одлуки.
Почнувајќи од утре, 23 април 2025 година во рамки на кампањата „ЗАЕДНО ПОВЕЌЕ ЗНАЕМЕ“ во следните 60 дена партиското раководство, сите избрани и именувани функционери од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе ги посетат сите општини во Македонија и ќе одржат средби со членовите, симпатизерите и граѓани. Целта е директно да се запознаат со проблемите на граѓаните, но и да се слушнат нивните предлози, сугестии и мислења, кои ќе послужат за креирање на програмата за претстојните локални избори.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија своите политики ги гради на транспарентен начин, демократски и во соработка со граѓаните. Во програмата на движењето ЗНАМ – За Наша Македонија за локалните избори главниот фокус ќе биде на решенија за подобар локален живот –
урбанистички планови, инфраструктурни проекти и транспарентно управување со општинските буџети.
На средбите, заедно со граѓаните ќе извршиме соодветна анализа, по што ќе следува и идентификација на квалитетни кадри (кандидати за градоначалници и кандидати за советници) кои можат да направат вистинска разлика на локално ниво.
Во таа насока формирани се четири каравани кои ќе ги предводат:
– Претседателот Максим Димитриевски
– Генералниот секретар Горан Минчев и
– Двајцата потпретседатели Весна Бендевска и Павле Арсоски“, рече Мемов.
Тој информира дека Централниот одбор донел одлука за одржување на втор изборен Конгрес на движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централен и надзорен одбор со мандат од четири години. Конгресот ќе биде одржан во втората половина на јуни.
„Донесена е одлука за формирање на градската организација на движењето ЗНАМ – За наша Македонија за град Скопје, а изборната конференција преку соодветна процедура ќе започне со предлози во скопските општински организации и ќе биде одржана кон крајот на мај, рече Мемов и додаде:
„Донесена е одлука за формирање на тим за преговори и евентуална соработка со други политички партии за претстојните локални избори. Тимот ќе го предводи генералниот секретар на партијата, Горан Минчев, а во него ќе учествуваат и потпреседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски“.
„Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија до сега има формирано повеќе од 50 општински организации во Македонија. Бројот на членови интензивно се зголемува, што е јасен показател и силен индикатор дека граѓаните ги препознаваат политиките на движењето ЗНАМ – За Наша Македонија. Со тоа се докажува дека Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија е најбрзо растечка
политичка сила во државата“, рече тој.
Директорот на Центарот за комуникации и аналитика на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Никола Мемов на прес конференцијата информира дека со одлука на Централниот одбор на партијата е избран да раководи со Центарот за комуникации и аналитика на Движењето ЗНАМ.
Запрашан што значи тоа дека започнуваат преговори и дали на локалните избори ќе одат самостојно, Мемов одговори:
„Движењето ЗНАМ формира преговарачки тим за соработка со политичките партии и во рамките на владиното партнерство веќе ги почнуваме преговорите со нашиот партнер во владата ВМРО-ДПМНЕ. Во делот на настапот на локалните ибори партиското раководство на Движењето ЗНАМ
размислува за самостоен настап на ниво на советнички листи, а во делот за изборот на градоначалници на општините, размислуваме за соработка и взамена поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, секако дека кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција“.
На прашањето дали ќе има соработка, поддршка, коалиција и со други партии, Мемов рече:
„Засега разговараме исклучиво со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“, меѓутоа конечниот заклучок и соработка за евентуална таква поддршка на локалните избори ќе ја донесат органите и телата на партијата“.
Запрашан дали господинот Таравари треба биде надвор од владиниот кабинет, Мемов одговори:
„Ставот на Движењето ЗНАМ по ова прашање е многу јасен, го искажавме неколку пати во јавноста, дека тоа е внатрешно прашање на коалицијата Вреди. А нивното останување, значи останувањето на партијата на господинот Таравари, зависи од ставот на премиерот“.
