Знамето на НАТО се вее пред македонската влада

Сподели

Денеска пред Владата на Република Македонија беше кренато знамето на НАТО. На свечената церемонија присуствуваа дипломатскиот кор, воените аташеа на земјите членки на НАТО, пратеници и претставници на Владата.

На церемонијата се обрати премиерот Зоран Заев кој рече дека за Северна Македонија се отвораат нови можности, но и нови предизвици.

-Денеска го креваме знамето на НАТО, што заедно со европското и со нашето, ја одредува иднината,  не само нашата и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја, рече премиерот Заев на церемонијата пред Владата по повод кревањето на знамето на НАТО.

Тој истакна дека денес со сигурност кажуваме дека нашата татковина е на вистински пат кон прогресот и непречен развој.

– Успеавме од споредниот балкански колосек, на кој чекавме со децении и се вративме на главниот автопат кон Европа, рече Заев и додаде дека во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојување на државата, во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, но и со брзината со која ќе ја стасаме таа цел, рече премиерот.

Заев оцени дека иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земавме во свои раце и ја одредивме иднината.

Премиерот потенцира дека овие денови ја почнуваме следната комплексна етапа во изградбата на нашата држава според европските стандарди и оти никој веќе нема да не блокира од надвор.