ЗНМ ги осуди навредите на портпаролот Димче Арсовски кон новинарот Фуркан Салиу

Сподели

 

 

Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува непримерната изјава на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски  упатена кон новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салиу.

Денеска Арсовски преку својот профил на Фејсбук, јавно го обвини новинарот Салиу за ширење на национал-романтизам и лажни вести. Понатаму тој го обвинува колегата Салиу дека во пресрет на изборите одработува одредена агенда за СДСМ.

ЗНМ смета дека ваквиот напад на политичар кон новинар дава лош пример во општеството, особено во услови кога се најавени предвремени парламентарни избори. Ова претставува еклатантен пример за тоа како не треба еден политичар јавно да комуницира со новинарите.

Бараме од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извини за изнесените ставови,  а доколку не го направи тоа, бараме од ВМРО-ДПМНЕ да се огради од неговиот став со цел да не биде сфатено во јавноста дека ова омаловажување е направено во име на целата партија ВМРО ДПМНЕ, туку во име на еден поединец.

Потсетуваме дека доколку политичарите или било кој граѓанин имаат забелешка за работата на новинарите и медиумите дека го прекршиле етичкиот кодекс при нивното известување, тогаш треба да се обратат до Советот за етика во медиумите на Македонија или до Советот на честа при ЗНМ.