Здружението на новинари на Македонија го поддржува штрајкот на новинарите на трите весника на издавачот „Медиа принт Македонија“ и го повикува менаџментот на компанијата веднаш да ги исполни барањата на штрајкувачкиот одбор за исплата на заостанатите плати и хонорари.
„Ги потсетуваме сопствениците на МПМ дека кршењето на социјалните права на новинарите не е само прекршување на нивните работнички права, туку e и силен удар врз слободата на медиумите. Ја повикуваме целата новинарска и медиумска заедница да го поддржи штрајкот на новинарите на весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ за да престане праксата медиумите да служат како средство за поткусурување заради интересите на сопствениците на медиумите и власта. Нивните политички и економски интереси не смеат да се прекршат врз грбот на новинарите“ велат од ЗНМ.
Од здружението додаваат дека силно ги поддржуваат напорите на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за изнаоѓање решение за исплата на заостанатите плати и хонорари на новинарите и дописниците.