Група на новинари, фоторепортери и сниматели утрово повторно беа попречени да известуваат за настан на скопскиот аеродром од страна на службите за обезбедување, соопштуваат од ЗНМ.
Додека се одвиваше промоцијата на авионската линија Скопје – Софија претставници на домашните медиуми беа дистанцирани на стотици метри од настанот без можност да земат изјава, ниту пак, да документираат кадри од случувањата. Во исто време сниматели кои се вработени во рамки на владините институции како и новинари од Бугарија имале пристап до самиот авион по слетувањето, како и до претставници од делегацијата.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) сметаат дека е неприфатлив ваквиот третман на медиумските екипи кои притоа беа уредно поканети и акредитирани за проследување на настанот. Потребно е да се сфати дека тие се таму на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за работа. Од друга страна, владините сниматели и службеници за медиуми не смеат да имаат привилигиран статус, бидејќи на тој начин стануваат конкуренција на медиумите, а тоа може да го наруши и правото на информирање на граѓаните.
Домашните медиуми за овој настан имале добиено уредна покана од Министерство за транспорт и врски. Потсетуваме дека ова не е прв ваков случај на скопскиот аеродром, каде пред извесно време на настан поврзан со пристигнувањето на бегалци од Авганистан владини службеници снимаа видеа и ги емитуваа на социјални мрежи додека новинарските беа дистанцирани и попречени да ја работат својата работа, се наведува во заедничкото соопштение на ЗНМ и ССНМ.