Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува заложбата на Владата за итни медиумски реформи кои ќе се базираат на предлогот изготвен од страна на европскиот експерт Питер Ванхојте и поддржан од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Претседателот на ЗНМ на денешната прес-конференција соопшти дека доколку измените на законот бидат на линија на предлогот на Ванхојте, тогаш ЗНМ ќе го поддржи процесот на усвојување на законот. „Очекуваме владата брзо и внимателно да го подготви законот. Сега немаме време за губење и за експериментирање. Инсистираме овој предлог да помине во Собранието така како што е предложен, а во наредниот период можеме да отвориме и други прашања, кои се важни за слободата на говорот и слободата на медиумите“, истакна Селмани.
Европскиот експерт Питер Ванхојте сугерираше Министерството за внатрешни работи да изготви извештај за сите напади против новинарите и да ги изведе насилниците пред лицето на правдата. Тој истакна дека праксата на неказнивост мора да престане.
„Апсолутно е неприфатливо новинар да се држи во притвор три години“, рече Ванхојте посочувајќи го случајот на Божиновски.
Тој повтори дека неговиот предлог за итни реформи е одлична основа за сериозен напредок во однос на подобрувањето на медиумското законодавство, која ќе ја зајакне независноста и професионалноста на Македонската радиотелевизија.
Експертот Ванхојте беше во Македонија на покана на ЗНМ со цел здружението да му се заблагодари за неговиот придонес во целиот процес и да ги реафирмира уште еднаш неговите заложби за тоа како и во кој правец треба да се движат медиумските реформи во Македонија.