Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува физичкиот напад врз новинарката Мирјана Мирчевска Јовановиќ од страна на припадници на приватната агенција за обезбедување „Никоб“, кој се случи додека таа известувала за одбележувањето на празникот Водици во Скопје, организиран од страна на Македонската православна црква.
Бараме од Министерството за внатрешни работи веднаш да реагира и да спроведе итна истрага за инцидентот со идентификување на напаѓачот на новинарката, а потоа и да поднесе кривична пријава за насилство до Јавното обвинителство во Скопје за што ќе биде поведена соодветна постапка. Освен ова, бараме од МВР да истражи дали и на други новинари и медиумски работници, присутни на настанот, им била повредена физичката безбедност како и правото слободно да известуваат пред јавноста.
Владата на Република Македонија во 2018 година вети дека слободата на медиумите и на новинарите се главни приоритети за кои таа ќе се залага и дека ќе има нулта толеранција кон насилството кон новинарите. Доколку власта сака искрено да испрати јасна порака дека нема да толерира нападни врз новинари мора веднаш да го истражи овој случај и остро да ги санкционира насилниците.
Во случајов Македонската православна црква има најголема одговорност да обезбеди безбеден пристап за известување на новинарите во професионалното вршење на своите задачи. Со овој инцидент во кој беше повредена колешката Јовановиќ одговорноста не е само кон напаѓачите туку и кон организаторот.