Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) сметаат дека вчерашната судска пресуда против ИРЛ е поткопување на достоинството на новинарската професија, напад врз интегритетот на новинарите и на слободата на изразување во Македонија.
На вчерашното судско рочиште во Основниот граѓански суд Скопје, судијата Јованка Спировска Панева пред присутните во судницата ја објави пресудата поврзана со тужбата за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на РСМ. Тужбата беше против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска.
Во судницата пред присутните, судијата Спировска Панева наместо детално образложение на пресудата, таа на крајно скандалозен, срамен и непрофесионален начин искажа квалификации дека ИРЛ било регистрирано како здружение на граѓани“, а тужената ја нарече „новинарката која што се претставувала како истражувачки новинар алудирајќи на Цветковска, со цел да ја дискфалификува новинарската работа на медиумот.
Покрај ова, судијата Спировска Панева истакна дека Здружението на новинарите на Македонија правело циркус со поднесувањето на претставката до Судскиот совет за утврдување на нејзина одговорност, притоа оставајќи впечаток пред присутните дека токму со оваа претставка, ЗНМ и укажало дека таа донела правилна одлука, иако истиот судија во првата пресуда со истите докази не најде елементи на клевета.
Од друга страна, непријатно сме изненадени од Фероинвест кои во текот на вчерашниот ден преку комерцијални објави во медиумите се обиде да се пресметува со новинари, изнесувајќи лични навреди, како и повик за институционален линч на граѓански организации. Сметаме дека на овој начин се прават обиди да се влијае на понатамошните одлуки на судот.
За овој случај и Европската федерација на новинари (ЕФН) и Меѓународната федерација на новинари (МФН) имаа реакција за транспарентноста, но и за самата пресуда. Новинарските здруженија остануваат да го мониторираат целиот процес до завршување на истиот. Затоа бараме од јавноста да остане воздржана, да не прибегнува кон коментари во насока на навреди и клевети, бидејќи на исходот му претстојат исцрпување на сите правни лекови.
Фото: Петр Стојановски