ЗНМ: Стоп за насилството врз новинарите, најавени протести

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија викендов во хотелот Александар Палас во Скопје одржа редовно неизборно собрание на кое беа дискутирани повеќе теми поврзани со работата на Здружението, како и проблемите со кои се соочуваат новинарите во последната година.  

Собранието го отвори Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој во својот говор се осврна на работата на новинарите и медиумите во време на пандемијата со коронавирусот и ги презентираше превземените мерки од страна на Здружението и донаторите во насока на помагање на новинарите за безбедно вршење на нивните работни задачи. 

Соочени со огромниот процент на неказнивост во случаите на напади врз новинарите Претседателот Чадиковски ја презентираше Декларацијата за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници. Во декларацијата се повикуваат институциите, политичките партии како и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи, согласно уставните, правните и меѓународните правни норми и стандарди. „Законите што ја регулираат медиумската сфера треба да бидат во согласност со потребите на новинарите, медиумите и граѓаните, а не со центрите на моќ“, се вели во неа. 

ЧАДИКОВСКИ НАЈАВИ ПРОТЕСТИ

Од Основното Јавно Обвинителство во Скопје беше побарано да ја врши својата работа одговорно и отчетно кога се во прашање случаите за напади врз новинарите, сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници да бидат изведени пред лицето на правдата, додека за жртвите на ваквите криминални дејствија да биде обезбеден соодветен третман доколку е тоа потребно.  

Дополнително извршната власт беше повикана да се вложи во креирање на безбедна средина за новинарите да  можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен било каков притисок за тоа што известуваат. 

Во случаите кога се напаѓани новинари, нема речиси ниту еден решен случај, а државата потфрли и во случајот со 27 април. Десетици колеги беа брутално атакувани, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка, туку се дрзнаа преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги. Ова е недозволиво, кога политичари се напаѓаат институциите реагираат промптно, а кога новинари се напаѓаат, функционерите се кријат во своите канцеларии, небаре сме некое општетствено зло. Остро реагираме на ова и дополнително, доколку продолжи игнорантскиот, или обидот да се отфрлат нашите аргументи за оваа тужба, но и за сите други напади, најавувам дека ќе организираме протестен марш против двојните аршини со кои се третираат новинарите“ изјави Чадиковски.

РЕФОРМИ И ЗАСИЛЕНА СОРАБОТКА СО МРТВ

Претседателот на ЗНМ најави дека преку засилена активност ќе се обиде да ги деблокира реформите во медиумите и ќе се инсистира на избирање на најквалитетни кадри за Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Но, нема да чекаме ова да се случи само по себе, во меѓувреме ќе се обидеме преку засилена соработка и разговори со раководството на МРТВ да отвориме простор за дополнителна професионалација на јавниот сервис, отворање на вратите на јавниот сервис и искористување на ресурсите што постојат таму,“ вели претседателот на ЗНМ.

Во крајот на својот говор Чадиковски го издвои креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми (Promedia.mk) како една од најважните активностите кои беа реализирани во 2019 година.

„Ова е процес кој мора да продолжи. „Следно на што работиме е создавање на новинарски кодекс за онлајн медиуми, што ќе биде паралелен процес на обновата на актуелниот Кодекс на новинарите на Македонија“, рече тој. 

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски во своето излагање пред членовите ја презентираше Стратегијата за работа на ЗНМ за 2019-2022 година, а потоа ги претстави и со мнозинство гласови беа усвоени Наративниот извештај за работа на ЗНМ за 2019 година и Финансискиот извештај за работа за 2019 година.  

Освен ова, на дневниот ред беа поставени и предлог измените и дополнувањата на правилниците и Статутот на ЗНМ. Во статутот беа усвоени неколку решенија кои го регулираат статусот на придружните членови и условите под кои тие може да се зачленат, а на барање на комисијата за членство беше продолжен и рокот по кој таа може да одлучува за примање на нови членови во Здружението. Ова решение предвидува зголемување на рокот од 3 на 7 дена со цел да се овозможи подетален преглед на комисијата на секој ново пријавен член. Беше усвоена и одлука која ќе се допрецизира во наредниот период, а предвидува исклучување на членови од Здружението поради флагрантно кршење на етичкиот кодекс.