Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција реагираше на одлуката на обвинителот од Вишото јавно обвинителство, кој оценил дека ТВ-водителот Миленко Неделковски не поттикнува омраза и насилство со фејсбук-статусот со закани кон неколкумина новинари, туку тоа се само „искажани ставови за физички лица“ и го одбил барањето Неделковски да се гони кривично.
– Обвинителот, практично, само го потврди решението на обвинителката Јасмина Костевска од Основното јавно обвинителство, која во март годинава го одби нашето барање за гонење на Неделковски. Станува јасно дека смртните закани кон новинарите се порачани од врвот на власта, која го користи Неделковски како мегафон да предизвика страв и несигурност кај новинарите и да ги одврати од намерата да пишуваат за нејзините недемократски практики на владеење – вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Според претседателот на ЗНМ, со оваа порака Неделковски експлицитно се заканил со линчување и со покривање со бетонска плоча на новинарите Јадранка Костова, Бранко Героски, Борјан Јовановски, Ацо Кабранов и Сашо Ордановски, а решението на обвинителот е неразумно и ја девалвира обвинителската професија.
ЗНМ повика Здружението на обвинители да го осуди ваквото решение, а Советот на јавни обвинители да се произнесе за, како што смета ЗНМ, незаконското постапување на обвинителот.
ЗНМ: Здружението на обвинители да го осуди решението Неделковски да не се гони кривично