ОЈО отвори истрага против високи функционери на МВР за изборни измами

Сподели

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражни постапки против поранешни високи функционери на Министерството за внатрешни работи и „други физички и правни лица“ (фирми) од Скопје, Куманово и од Струмица, кои се товарат за кривични дела против изборите.

Лицата, чиј идентитет не се открива, се сомничат за злоупотреба на службените овластувања, а делата за кои се водат истрагите, како што соопштуваат од Јавното обвинителство, биле извршени во 2014 и во 2016 година.

– Постојат основи на сомневање дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето преку различни форми за време на изборите, со што ги сториле кривичните дела. Во насока на целосно утврдување на фактичката состојба, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција презема проверки и прибавува потребни известувања, податоци и докази – стои во соопштението на обвинителството.

Минатата недела Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека отворило постапка против „едно лице – организатор на изборна кампања и други лица“, како и против правно лице, за кривично дело злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Во соопштението на Јавното обвинителство и тогаш не беше конкретно наведено за кои лица станува збор, но извесно е дека се работи за политичка партија.

meta.mk