Кликни #1000subscribersmk за поддршка на македонските музичари

Сподели

 

Македонските музичари се една од најпогодените групи од ковид-19 пандемијата во изминатиов период. ВБУ Музички регистар ја отпочна иницијативата за поддршка на лицата кои создаваат и изведуваат музика во земјава, промовирајќи ја идејата граѓаните да кликнат Subscribe (да се претплатат) на YouTube каналот на нивните омилени изведувачи. Заедно со редовното преслушување на песните на YouTube каналите на членовите на музичката заедница, секоја индивидуа одделно може да помогне музичарите можат да почнат да обезбедуваат приходи на овој начин.

„За претплата (subscription) на YouTube каналот на омилениот изведувач потребно е помалку од 2 минути и нема да те чини ниту денар. Сѐ што треба да имаш е корисничка сметка на YouTube што ќе ја креирате еднаш“, објаснуваат од ВБУ Музички регистар.

Иницијативата што почна кон крајот на март годинава веќе е преселена на социјалните мрежи преку хаштагот „#1000subscribersmk“, а е во насока да се поддржат македонските музичари да обезбедат приход од YouTube.

Целта е музичките изведувачи од земјава да можат да стигнат до 1.000 претплатници од заедницата, како и да имаат минимум 4.000 часа прегледувања на нивните содржини во последните 12 месеци. На овој начин, YouTube би им овозможил на музичарите да аплицираат на сервисот за монетизација.

„Несомнено, едни од најпогодените од пандемијата се и претставниците на изведувачите, инструменталистите, па и авторите. Главниот извор на приходи на најголем број од изведувачите, кантавторите и инструменталистите години наназад, да не напишам децении, се нивните настапи. Последниве 12 месеци тие настапи не постојат, едноставно се забранети согласно одлуките предизвикани од Корона вирусот. Типот на настапи што се дозволени (музички концерти) се регулирани со посебни организациски протоколи и немаат финансиска исплатливост“, велат од ВБУ Музички регистар во иницијативата што ја упатуваат до граѓаните.

Тие пресметале дека доколку 500.000 граѓани од земјава се претплатат на YouTube каналите на нивните омилени музички изведувачи и ако преслушаат 1 час неделно од нивните омилени музички содржини на нивните YouTube канали, тогаш тоа би значело дека 125 изведувачи би добиле можност да аплицираат во програмата за монетизација, односно да обезбедат финансиски приходи преку YouTube.

За ВБУ музички регистар ова е прва иницијатива што ја спроведуваат за поддршка на македонските музичари кои создаваат и изведуваат музика, а во текот на наредните месеци планираат и други активности со кои ќе се поддржат изведувачите од земјава и ќе се мобилизираат медиумите, бизнисите и јавноста за поддршка на македонската музика.

*ВБУ Музички регистар (www.muzichkiregistar.com) стартува со иницијатива што има за цел да им даде поддршка на пеачите, пеачките, изведувачите, авторите, инструменталистите во обидот да воспостават свое присуство во виртуелниот/дигиталниот Свет преку поставување на песните (содржините што ги креираат) на музичките е-продавници, а со цел да ги аплицираат модерните трендови за обезбедување приливи што ги диктира светската музичка индустрија.
Планираме серија содржини во наредниов период што треба да помогнат на сите актери во оваа „приказна“, а со овој иницијален текст што го дефинира првиот чекот во оваа иницијатива, те повикуваме:
– да се претплатиш (subscribe) на YouTube каналот на твојот омилен изведувач, бенд, автор, инструменталист од домашната музичка заедница;
– да преслушаш барем 1 час во неделата негова содржина (песни) поставена на истиот тој YouTube канал;
Да ги поддржиме оние што ја создаваат и изведуваат домашната музика во напорот да го зголемат своето присуство во дигиталниот свет, а воедно во меѓувреме и полесно да го поминат овој тежок период предизвикан од пандемијата.