Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот на Сојузна Република Германија, г. Михаел Рот. На средбата присуствуваше амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Анке Холштајн и генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова.
Од страна на претседателот Џафери беше поздравена оваа посета во момент кога земјата треба да го започне процесот на скрининг како прва фаза од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, после долг период на застој и блокади во изминатите децении. Тој го информираше соговорникот за придонесот и обврските на земјата во НАТО, за доследното придржување до санкциите на ЕУ кон Руската Федерација и поддршката и помошта која се обезбедува за потребите на Украина. Претседателот Џафери изрази особена благодарност за континуираната поддршка на Сојузна Република Германија во остварувањето на нашите стратешки цели. Истовремено се заблагодари за одличната економска и билатерална соработка на повеќе основи меѓу двете земји и врските со дијаспората, кои заедно придонесуваат за понатамошно унапредување на меѓусебните односи. Во тој контекст, особено ја потенцираше соработката со Германскиот Бундестаг за независно собраниско обезбедување како еден од сегментите за осамостојување на Собранието.
Г. Рот нагласи дека неговата посета се реализира како поддршка на следните чекори кои Собранието треба да ги преземе за непречен тек на процесот на преговори за членство во ЕУ. Тој ја пренесе благодарноста на претседателката на Германскиот Бундестаг, г-ѓа Барбел Бас до претседателот Џафери за неговото градење на мостови на поддршка во време на поларизација, економски предизвици и воена агресија и дека никој нема корист од ослабувањето на демократијата, бидејќи тоа оди на штета на граѓаните кои направија многу во изминатите години. Изразувајќи целосно разбирање за фрустрациите и разочараноста од актуелните случувања, г. Рот потенцираше дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува. Во однос на претстојните уставни измени за влегување во следната фаза од преговорите за членство во ЕУ, го искажа ставот дека треба да се исполнат преземените обврски и дека тоа нема да биде на штета на ниту еден Македонец или Македонка во земјата, а Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од Европската унија, за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите земји членки на Унијата.