Трајковски: Граѓаните пријавуваат нерегуларности, изречени казни за маркетите

Сподели

 

Горан Трајковски, директорот на Државниот пазарен инспекторат соопшти дека за период од 20 дена откако се донесени мерките за цените, изречени се парични казни од над 100 илјади евра. 

“Сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои во изминатиот период беа дел од работата на ДПИ, со тоа што пријавуваа нерегуларности во пазарниот инспекторат на телефонскиот број 02 191 кој функционира 24 часа секој ден во неделата. Во мое лично име и во име на пазарниот инспекторат сакам да изразам благодарност и до сите општествено одговорни компании, производители и снабдувачи на вода, газирани и негазирани пијалоци, како и на маркетите кои ги почитуваат одлуките за намалување на цените, но исто така како општествено одговорни компании ги намалија цените и на други производи. Напоменувам дека до намалените производи по Одлуката треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до самоиницијативното намалување на дополнителни производи да стои ознака која јасно покажува за дополнително намалување на цените од страна на трговецот како општествено одговорна компанија.
 
Во изминатите 10 дена сите ние се уверивме дека секој оној кој нема да ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој оној кој ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и тука нема за никого компромис. Така ќе биде и во иднина. Нема да има компромис и ќе биде казнет секој што не ги почитува мерките и одлуките на Владата.
 
Од 19 септември до денес, направени се над 550 надзори, издадени се 32 налози – казни во висина од 6.320.000 денари. Казните се издадени за непочитувње на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики за што постапуваме по Закон за заштита на потрошувачи. Затворени се 10 маркети во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово, Струга.
 
Истакнувам дека секој оној кој нема да ги почитува владините одлуки ќе биде казнет по Законот за трговија, а секој кој на било начин ќе ги доведе во заблуда потрошувачите односно граѓаните ќе биде затворен без компромис по Законот за заштита на потрошувачите, а доколку го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски рок”, изјави Трајковски.
 
“Апелирам до сите нетергестрирани трговци да извршат регистрација најдоцна до 15 октомври. Потоа ќе следуваат засилени контроли, а ако се забележи трговец кој врши дејност нерегистриран, ќе има казни и ќе се одзема и робата која што ја има. Прво, не е во ред, во денешно време, да се биде нерегестриран, а не е ни фер кон оние кои редовно си плаќаат данок кон државата и сите дополнителни давачки кои произлегуваат од вршење на дејност.
 
Сите заедно треба да функционираме и да градиме правичен систем во нашата држава, а оние кои не сакаат да бидат дел од тој систем ќе бидат казнети без селекција и без компромис по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат”, додаде Трајковски.