Во текот на вчерашниот ден (26.07.2025 год) согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, ЈП Водовод и канализација – Скопје констатира повторно енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на водата, која на дневно ниво изнесува околу 360.000 м3. Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.
Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува со вода за пиење од природен извор со ограничена количина од непроценлива вредност, Водовод апелира за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл.
Воедно упатен е и апел до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку Месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.
Се укажува дека досега не се постапува соодветно за санкционирање на кражба на вода од другите институции кои имаат надлежност за тоа. Загубите на вода од 65 % не се поради дефекти, туку главно поради кражби преку нелегално приклучување на згради, куќи и др објект и користење на питка вода наместо техничка за полевање на земјоделски површини, информираат од Водовод-Скопје.
Граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mk или www.vodovod-skopje.com.mk
Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.
