Италијанскиот премиер Матео Ренци најави дека денеска ќе поднесе оставка, по убедливиот пораз на референдумот за спроведување уставни реформи во Италија.
Според државната италијанска телевизија РАИ, за реформите гласале 42,4 отсто од Италијанците, додека 54,6 отсто од гласачите биле против.
На прес-конференцијата одржана ноќеска, Ренци ја прифати врз себе одговорноста за поразот и им порача на групата партии што ја предводеа кампањата „не“ да објават каква сакаат да изгледа реформата во државата.
– Јас загубив, а не вие. Верувам во демократијата и во Италија. Среќно за сите нас, изјави Ренци, најавувајќи дека во текот на денешниот ден, на седницата на владата ќе ги извести министрите за своето повлекување од премиерската функција.
Ренци, кој е лидер на Демократската партија, настојуваше да спроведе потемелна реформа во политичкиот систем во Италија, со намалување на големата бирократија и во обид да ја направи земјата покомпетативна.
Со реформата требаше да се намали улогата на Сенатот (Горниот дом) во Парламентот, а да се засили позицијата на Долниот дом на пратениците, со што веруваше дека ќе се засили и стабилизира позицијата на владата.
Во изминатите 70 години, во Италија имаше 63 влади, но планот низ референдумот да се обезбеди согласност за рационализирање на политичкиот систем, гласачите го искористија за да го истакнат своето незадоволство од премиерот.
Гласањето за „не“ силно го подржаа анти-имигрантските и анти естаблиштментот партии, чии позиции сега се гледаат и како мислење упатено до ЕУ.
Набљудувачите во Рим, оценуваат дека премиерот Ренци се коцкаше и загуби, а италијанските гласачи му порачаа дека тие не сакаат уставни реформи.
Популистите од движењето „Пет ѕвезди“ сметаат на нови парламентарни избори, што според нив треба веднаш да се организираат и на кои веруваат дека би можеле и да победат.
Ова популистичко движење заговара референдум за напуштање на еврото.
Редовните избори треба да се одржат во февруари 2018 година, а претседателот на државата, се верува дека ќе се определи за привремен премиер.
Тоа најверојатно би бил некој од политичарите од Демократската партија на Ренци, а како најсериозен кандидат за премиерската функција се посочува, министерот за финансии Пјер Карло Падоан.