27.издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ 

Сподели

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово од утре 24 септември до 9 октомври ќе се одржува 27. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.

Фестивалот оваа година ќе биде отворен со свеченото доделување на наградата „Васил Иљоски“ на актерот Сашко Коцев, за неговиот особен придонес во комедијата. Истата вечер, Театар „Џинот“ од Велес ќе ја изведе претставата „Вечера за глупаци“.

Во текот на Фестивалот, публиката ќе има можност да ужива во 11 претстави, и тоа: „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар Охрид; „Фустан за бегство“ на Драматичен куклен театар од Враца, Бугарија; „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија; „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје; „Итроштините на Патук“ на Тетовскиот театар; „Се бара нов маж“ на Драмско-куклен театар Плевен, Бугарија; „Мажи во влечки“ на Албанската драма на Театар Куманово; „Женидба“ на Народен театар Штип; „Кокошки“ на Народно позориште од Ниш. На 8 октомври Театар Куманово ќе ја изведе премиерата на претставата „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и традиционално ќе ја затвори фестивалската програма со нова претстава на репертоарот.

Фестивалот ќе заврши на 9 октомври со доделување награди за најдобри актерски и технички остварувања.

Освен со официјалната програма на претстави кои влегуваат во конкуренција за награда, планирани се и две вечери со изведба на студентски претстави. Оваа година на Фестивалот ќе учествуваат Факултетот за драмски уметности од Скопје и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, а нивните претстави ќе бидат изведени на 30 септември и на 7 октомври.