44. издание на „Браќа Манаки“ ќе почне со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“

Сподели

 

Со македонска премиера на „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски ќе биде отворено годинашното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ што ќе се одржува од 23 до 29 септември во Битола под мотото „Прекрасно непознато“.

Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги настапуваат: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Челај од Косово.

Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценограф е Ана Жежничек, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, арт-директор е Александра Чевреска,  Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа се шминкери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз се композитори, Зоран Максимовиќ е снимател на звук и Ема Бортињон е дизајнер на звук.

Филмот на Столевски, кој е и автор на сценариото, ќе ја има светската премиера на Фестивалот во Венеција на 6 септември. „Домаќинство за почетници“ е во продукција на „Лист продукција“, а директор на фотографија e Наум Доксевски.

Оскаровецот Питер Бижу е добитник на наградата за животен опус „Златна камера 300“, а актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреат на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, соопштија од Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.