59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ − Прилеп е пред нас со изборот на претстави во официјална селекција и претстави од независната продукција во придружната програма.
Според Статутот на фестивалот, може да се изберат претстави од последните две години, поточно претстави премиерно изведени во последователните две години. За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција.
На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција. За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма.
Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар. Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани.
Официјална селекција
