Министерството за здравство информира дека во јули, 66 доктори на медицина го положиле стручниот испит и се стекнале со лиценца за работа од Лекарската комора.
Министерството за здравство стапило во контакт со сите 66 ново лиценцирани доктори на медицина, а повеќе од половината од нив изразиле желба да работат со ковид пациенти.
„Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, имаме 66 лекари повеќе, нови, млади сили во нашиот здравствен систем. Согласно измената која ја направивме на Законот за здравствена заштита од јануари минатата година, секој дипломиран доктор кој се стекнал со лиценца треба да обави шест месечна пракса која за прв пат му е платена со 30.000 денари месечно. Младите лекари се иднината на нашето здравство и ние продолжуваме да вложуваме во нив, во нивната до-едукација и стручност,“ изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.