Утре, на 18 февруари годинава ќе се одбележат 70 години од формирањето на Театарот „Војдан Чернодрински“, кој низ овие седум децении се развивал и растел акцентирајќи го домашното драмско творештво.
Годишнината ќе се одбележува од 17 до 23 февруари, со манифестацијата насловена „Недела на театарот“ во која ќе бидат прикажани премиерата на „Лажговци“, во режија на Коле Ангеловски, пет претстави и проектот „Глумците пеат“.
Во 70 години, Театарот „Војдан Чернодрински“ кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и околу 7000 претстави кои ги гледале над 1,5 милиони луѓе.
Најгледани и наиграни претстави низ годините се „Од кол на кол 1“ во режија на Коле Ангеловски и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, исто така во режија на Коле Ангеловски.
Голем успех во минатото е постигнат и со претставите „Цена“, „Од глаата си патиме“, „Силјан Штркот“, „Лулка“, „Медеја“, „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Молам за секс“, „Градење црква“, „Коста Саруфте“ „Глоговиот џбун“ итн.
Во досегашното постоење, претстава која со најголем успех го освои вниманието не само на македонската, туку и на балканската публика е „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која се крена до димензии на бренд на македонскиот театар.
Театарот во земјава го има приматот на куќа во која се даваат праизведби на текстови од македонски драмски автори. Тука за првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн.