На 12 медиуми им се распределени околу 710.000 евра од владината Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2019 година. Ова било одлучено на вчерашата седница на која е констатирано дека на повикот за финансиска поддршка за 2019 година пристигнале вкупно 16 барања, од кои критериумите ги исполниле само 12 медиуми. Во буџетот за оваа намена биле предвидени околу 810.000 евра, информираат од владината прес – служба.
Медиумите имаа право да се пријават на јавниот повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019 година, којшто беше објавен од владата на 29 ноември минатата година. Субвенциите се доделија за печатените медиуми на македонски јазик во висина од 50 отсто за направените трошоци за печатење и во висина од 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. Кај печатените медиуми што се издаваат на јазиците на етничките заедници, субвенциите се во висина од не помалку од 50 отсто, но не повеќе од 70 отсто за направените трошоци за печатење и одделно за дистрибуција, согласно доставените документирани докази за календарската 2018 година.
Идентично како и за 2019 година, владата и лани во јануари на 11 печатени медиуми им распредели околу 700.000 евра како поддршка за нивното печатење и дистрибуција за 2018 година. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во изминатиов период побараа да се зајакнат критериумите за доделување државна помош за печатените медиуми, оценувајќи ги ваквите субвенции како ризик за корупција и клиентелизам.
„Врз основа на одлука на Владата донесена е програма со која печатените медиуми добиваат државна помош за обезбедување на нивната одржливост. Меѓутоа, критериумите врз основа на кои се одобрува таквата помош се недоволно прецизни и овозможуваат ненаменско користење на доделените средства“, се наведува во „Националната стратегија за спречување корупција 2020-2024“.