Пендаровски на сесијата на ОН: Пандемијата бара системски одговор

Сподели

 

 

“Пандемијата на КОВИД-19 и натаму претставува најголем ризик за човештвото. Голем број семејства изгубија свои членови, а многу заедници се сериозно погодени. Оваа здравствена криза ги зафати и другите сектори на нашите општества, а економиите претрпеа особено тешки загуби. Со својата здравствена, економска, социјална, хуманитарна и безбедносна димензија, пандемијата е голем тест за нашите земји на начин со каков досега се немавме соочено и нè потсети колку сме меѓусебно поврзани. Со страдањата што ги предизвикува, пандемијата ги разоткри системските слабости и нееднаквости во нашиот свет”, изјави претседателот Пендаровски на Генералното собрание на ОН.

“Во Северна Македонија, коронавирусот го зема својот данок во човечки животи, изврши притисок врз здравствениот сектор и ја ослабе економијата. Со цел да се олесни тешкиот товар кој го носат нашите здравствени работници, Владата неодамна прогласи кризна состојба на целата територија на РС Македонија за период од 30 дена. На овој начин ќе се помогне да се искористат капацитетите на Армијата и ресурсите на приватниот здравствен сектор со цел поефикасно да се контролира ширењето на вирусот и да се спасат што е можно повеќе човечки животи.

Пандемијата претставува и морален предизвик. Економијата може да страда, но животите на луѓето се бесценети, па затоа спасувањето човечки животи треба да има предност пред сè друго. Во исто време, нашите напори за контрола на ширењето на вирусот не смеат да бидат на штета на основните права и слободи. Ова подразбира здравствена заштита и економски стимул што треба да им се обезбеди на сите кои имаат потреба. Борејќи се против корона вирусот, мора да осигураме дека не толерираме ширење на вируси на расизам, екстремизам, дискриминација и ксенофобија.

Системска закана како пандемија бара системски одговор кој вклучува непосредни и долгорочни активности. Треба да продолжиме да работиме заедно во развивањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни, здравствени системи кои им служат на граѓаните. Здравствените производи со сертифициран квалитет треба да бидат достапни за сите. Се разбира, голем чекор во вистинска насока беше воспоставувањето на глобалната програма COVAX за набавка на вакцини, која треба да овозможи лесен и балансиран пристап до вакцините на сите луѓе во светот.

Претседателот Пендаровски се заблагодари на Обединетите нации и Светската здравствена организација за лидерството во координирањето на напорите на глобално ниво за контрола и спречување на ширењето на Ковид-19, како и на сите земји и организации кои ни дадоа поддршка со медицинска опрема и материјали, како и споделување на знаење и искуство”, изјави претседателот Стево Пендаровски на специјалната сесија на Генералното Собрание на ОН по повод КОВИД-19.