Министерството за здравство известува дека на 17.02.2021 година (среда), во модуларната болница на КИБФС во Скопје, ќе започне вакцинација на здравствените работници кои работат во ковид центрите. Министерството за здравство заради запазување на здравствените протоколи, но и непречена работа на вакциналните тимови, а во интерес на транспарентно и подеднакво третирање на сите медиуми, од чинот на вакцинирање на првите двајца медицински работници ќе обезбеди фото и видео инсерти и истите ќе ги дистрибуира до сите медиуми. Дополнително по официјалниот дел (изјави за медиумите) на снимателите и фотографите ќе им биде овозможено снимање и фотографирање од процесот на вакцинација со влегување во објектот во помали групи до 3 камери или фотографи од погоренаведените причини.
Медиумите кои имаат интерес да го видеоинсертираат или фотографираат процесот на вакцинација ве молиме да го потврдат своето присуство на pr@zdravstvo.gov.mk, најдоцна до вторник до 20:00 часот.
Министерството за здравство на секој медиум што ќе побара да сними или фотографира како се одвива процесот на вакцинација ќе му овозможи тоа. Остануваме транспарентни и отворени за медиумите во целиот процес на имунизација против Ковид19.