,,Државниот архив, по повод 80-годишнината од народното востание, достојно ги промовира придобивките од Народноослободителната борба во Македонија со пригодни објави, изложби и предавања во повеќето од нашите одделенија во земјава” – изјави за ДенесМагазин директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.
Денот на народното востание во Македонија – 11 Октомври, всушност, го симболизира државотворниот капацитет на македонскиот народ за суверена и самостојна држава, како континуитет на сите претходни востанија и стремежи за социјална и национална слобода, вели, меѓу другото, д-р Емил Крстески.
Антифашизмот беше прифатен како движечка сила, која на нашите борци им обезбеди вистински сојузници и пријатели. Народноослободителната борба, во која имавме многу жртви, ни овозможи да бидеме во коалиција со европските победнички сили и земји, поборници за слобода, мир и демократија.
Партизаните од Првиот прилепски и кумановски одред беа првите борци кои го покажаа патот кон слободата и кон прогресивните општествени идеи и кои во Прилеп и Куманово ги испукаа првите куршуми, означувајќи го решителниот почеток на антифашистичката револуција.
Државниот архив, како трезор на историското-документарно богатство, ја чува националната меморија за Народноослободителната борба, сместена во архивските фондови што се однесуваат на историјата на современата македонска држава.
,,Државниот архив го одбележува овој значаен јубилеј – 80 години од почетокот на револуционерното востание на 11 октомври 1941 година, со потсетување на нашето славно минато и на заложбите за промоција на вистинските универзални вредности за слобода, мир и почитување на човековите права. Истовремено, создаваме искрен, отворен и едукативен однос спрема младите поколенија за нивната приврзаност спрема историјата и татковината, а на научниците им овозможуваме да го истражуваат и да публикуваат дела за овој светол период од нашата историја. Така очекувам да биде и во иднина, со што би ги зачувале вредностите и придобивките од НОБ и би се навраќале на херојството на нашите предци, како поттик да продолжиме со реализирање на нивните благородни идеали и стремежи” – додава директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.
Нека ни е честит и вековит
големиот празник – 11 Октомври!