Денеска, во 12:00 часот во НУ Музеј на македонската борба, на свечен настан ќе биде отворена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ што ја подготви Државниот архив, а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.
Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје.
На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.
Државниот архив преку изложбата ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава.
“,Оваа изложба е дел од годинашното чествување на ликот и делото на Гоце Делчев, апостол на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава, кога Државниот архив, како чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство, планира да организира и други настани поврзани со овој јубилеј, како, на пример, филмуван архивски материјал за Гоце Делчев и брошура од оваа изложба која што ќе се промовира во повеќе центри во Европа” – додава директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.