Успешна балканска турнеја на “РАЗВЕДИ МЕ” во режија на Роберт Ристов

Сподели

 

Театар Провокација во изминатите неколку дена ја имаше својата неколкудневна успешна балканска турнеја со претставата „РАЗВЕДИ МЕ“, во режија на Роберт Ристов.

 

                 Роберт Ристов

 

Во претставата играат актерите Мирјана Поповска Ристов и Роберт Ристов, а во снимените видео материјали се појавуваат и актерите Зорица П.Панчиќ, Љубиша Савановиќ и Благоја Чоревски-Чоре.

Претставата на еден експлицитен начин ги отвара темите/прашањата кои знаат да ја разнишаат хармонијата во бракот:

 

 

Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот?
Дали доколку постои неверство, мора да се запечати со РАЗВОД?
Дали по неверството сме засекогаш „оштетени“ луѓе, кои никогаш повеќе нема да умеат искрено да сакаат и да веруваат?
Дали вреди да се продолжи бракот „заради децата“?
Дали љубовта е „прекинувачот“ за нашата среќа?

 

Повеќе за претставата, турнејата и импресиите од истата, дознаваме од актерот и режисер, Роберт Ристов.

Првата Изведба на претстава „Разведи ме“ се одржа на сцената на Културно Образовниот Центар – Шид, Србија, а претставата беше посетена од околу 150 посетители. Истата беше одлично прифатена од страна на публиката и на крајот беше наградена со громогласен аплaуз.

 

 

“Тоа што не фасцинираше, во овој толку мал, но во поглед на културата и уметноста, толку развиен град, е поддршката која ја добиваат културните институции и воопшто уметниците од страна на локалната власт. Од нашите колеги дознавме дека градот во последните години бележи тенденција на раселување и токму заради тоа, градот посветува многу внимание во организирањето на што повеќе културни настани, сè со цел да им обезбеди на граѓаните што побогат културен живот. Ова е нешто кое неслучајно го споделувам, со надеж дека некоја од нашите општини, ќе го искористи како одличен модел за спречување на раселувањето и зајакнувањето на процесот на децентрализацијата и кај нас.

Утредента градот Шид ни организираше посета на двата музеја, галериите на познатите српски сликари, Сава Шунмановиќ (еден од најважните српски сликари на 20 век) и Илија Башичевиќ Босиљ (претставник на енигамата на модерното сликарство) но и на манастирот„ Св. Архангел Михаил и Гаврил – Привина Глава“, што за нас беше духовна храна, во вистинската смисла на зборот”, раскажува низ импресии актерот и режисерот, Роберт Ристов.

 

 

“Следната изведба беше во Бања Лука, на сцената во „Градско Позориште Јазовац“, чии директор е познатиот актер Љубиша Савановиќ, кој ја игра улогата на љубовникот во „Разведи ме“. Публиката од Бања Лука, не можеше да одолее, на изненадувањето кое им го подготвивме, со самото појавување на Љубиша во македонска претстава и со посебно внимание и уживање ја следеше претставата, за на крајот да не награди со најдолгиот аплауз на оваа турнеја.  

Учеството на „Неделата на смеата“ во Вараждин, е всушност и фестивалот заради кој започна оваа турнеја. Овој фестивал е во организација на Театар Керекеш, а претставите се играа на сцената на Народниот Театар во Вараждин. На фестивалот во 10 дена, земаа учество вкупно 43 театрски претстави од регионот. “Театарот Провокација” беше единствен учесник од Македонија.

 

 

Утредента Тргнавме кон Сараево“. Со настапот на прекрасната сцена во Воениот Театар САРТР  ја завршивме оваа наша турнеја. На сите овие настапи, во публика имавме наши колеги и пријатели со кои, по претставата освен тоа што ја задоволивме потребата од заедничка дружба, разговаравме и за идни соработки помеѓу театрите. Во секој од градовите, на претставите беа поканети и беа присутни македонците од дијаспората, што за нас значеше остварување на уште една од мисиите на нашиот театар”, гордо истакна Роберт Ристов.

Следните изведби на „Разведи ме“ се закажани на 19 март, во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, на 26-ти гостување цо НУЦК „Ацо Ѓорчев“- Неготино и на 31март во ЦК „Ацо Караманов“ – Радовиш.