Земјотрес во БиХ со интензитет од 5,7 степени – почина девојка

Сподели

 

Земјотресот со интензитет од 5,7 степени според Рихтеровата скала, кој вчера ја погоди Босна и Херцеговина, беше почувствуван и во земјава.

Како што соопшти Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот се случил во 23 часот и 07 минути со Рихтерова локална магнитуда ML5.7. Бил почувствуван од граѓаните во Скопје, Гостивар, Тетово и околината со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала.

-Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на 22.04.2022 година регистрираше земјотрес 296 km северозападно од Скопје, кој потекнува од територијата на Република Босна и Херцеговина, 42 километри југоисточно од градот Мостар, се наведува во соопштението на Сеизмолошката опсерваторија, објавено кусо пред полноќ.

Земјотресот со интензитет од 5,7 степени според Рихтеровата скала е почуствуван во поголемиот дел на БиХ и Далмација, се наведува во првичниот извештај на Евромедитеранскиот сеизмолошки центар.

Епицентарот на земјотресот бил на 15 километри источно од Столац, во источниот дел на Херцеговина, на длабочина од пет километри, се наведува во извештајот, јавува Хина.

Земјотресот, според податоците на ЕМСЦ, е почувствуван и во Северна Македонија, Албанија, Косово, Италија и Словенија.

Едно лице од општина Столац, БиХ загинало како последица на синоќешниот земјотрес што го вознемири регионот. Станува збор за девојка родена 1994 година. Врз нејзината куќа паднала карпа. Нејзините родители биле полесно повредени.

Вкупно пет земјотреси го погодија ова подрачје во период од 4 часа, а последниот е забележан со магнитуда од 4,6 степени, во три часот по полноќ.